Идеологија, Политика

Рисот како замена за лавот: Губење на симболите

Македонски национални интереси

Не лавот како македонски национален симбол, туку рисот како нов симбол за сите ГРАЃАНИ.
Не сонцето од Кутлеш како македонски национален симбол, туку знамето на Грчев како симбол за сите ГРАЃАНИ.
Не македонски национални партии и интереси, туку македонски партии кои ќе глумат ГРАЃАНСКИ партии и ќе се грижат за сите освен за МАКЕДОНЦИТЕ.

Политичката асиметрија и отсуството на заштита

Во оваа држава албанските партии се грижат единствено за интересите на Албанците во Македонија и за ништо друго. Такви се и партиите на Србите, Ромите и Турците и на сите други малцински заедници. Само Македонците немаат свој политички претставник. Само Македонците не смеат да се грижат за своето.

Во голем дел самите ние сме виновни за оваа состојба. Ние се обидуваме да ги асимилираме останатите и да им покажеме дека во оваа држава пред сѐ треба да бидат Македонци, без да ги согледаме последиците на тој концепт. 30 години самите ние се обидуваме терминот “Македонци” да го претставиме како политичка/граѓанска одредница, а не национална.

Замката на „граѓанскиот национализам“

Моментално се спроведува успешна кампања за граѓански национализам. Самиот Артан Груби неодамна говореше за тоа како Албанците сѐ повеќе се поистоветуваат со оваа земја, бидејќи чувствуваат поголема рамноправност. Тоа не е причина за славење. Тоа не е победа за нас. Таквиот мир и соживот доаѓаат по цена на сето тоа што ги претставува Македонците како посебен народ и посебна нација. Ќе има братство и единство, но само во двојазична Република Северна Македонија/Maqedonia e Veriut, каде што допрва ќе треба да се создадат нова химна и ново знаме, кои ќе ги претставуваат сите заедници.

Илинден со кечиња и симболи без корен

Што ќе ни е една Македонија, па дури и да е од Шара до Егеј, во која национален симбол не се лавот и сонцето, во која Илинден се празнува со кечиња и албански ора на Мечкин Камен и во која денот на независноста се слави со песни на албански јазик од страна на музички групи донесени од Косово? Што ќе ни е немакедонска Македонија?

Борба за сопствениот дом

Кога ќе покажеме волја да си го браниме своето, другите нема да бидат толку смели во своите напади. Треба да се свестиме дека ние сме Македонци и оваа земја ни припаѓа првенствено нам, на МАКЕДОНСКАТА НАЦИЈА, затоа што за разлика од другите ние немаме втор дом.

Што ќе ми е победа на репрезентативци на некаква двојазична Северна Македонија без црвено-жолта боја и со некаков рис, без било какво обележје на мојата Македонија на нивните дресови? Па ако на ниту еден начин тој тим не е поврзан со Македонија, тогаш што е поразличен од било кој друг фудбалски тим што ќе учествува на фудбалското првенство во однос на нас Македонците?

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD