Патриотски приказни
Животот и делото на Христијан Тодоровски – Карпош (1921-1944)
Едно од најпрочуените имиња од македонската НОБ е тоа на Христијан Тодоровски – Карпош (1921-1944). Тој бил роден во Куманово во семејство со потекло од кривопаланечко Гулинци, кое во градот се стекнало со голем имот откупен за мала вредност при протерувањето на Турците во 1912 год. Младиот Христијан завршил основно во Куманово и требало да води земјоделски живот на имотот, но тој имал други интереси и љубов кон книгата, па продолжил со школување во гимназија во градот.
Неговото семејство било добро ситуирано, но можеби токму поради тоа тој развил свест за социјалните разлики во општеството, а со тоа прашање се поврзувала и големосрпската политика на тогашната окупаторска власт која богатите македонски земјишта ги распределувала помеѓу своите чиновници и доселеници од Србија. Во тоа време на асимилација врз македонскиот народ во В. Македонија само комунистичката партија го признавала постоењето на македонската нација. Од тие причини, Христијан во 1939 год. се приклучил на СКОЈ, читајќи и ширејќи социјалистичка литература со своите другари, а учествувал и во тепачки со љотичевци. Поради таквата дејност Христијан во 1940 год. бил исклучен од кумановската гимназија.
Од млад револуционер до партизан Карпош
Во 1941 год. била извршена инвазијата врз Југославија, а Христијан бил примен за член во КПЈ која започнувала со подготовки за востание. Учествувал во собирањето оружје, дистрибуцијата на партиски листови и други активности. Се приклучил на Козјачкиот партизански одред со 26 борци кој излегол од Куманово на 12 октомври 1941 год., но веќе на 17 октомври бил разбиен од бугарските сили кај с. Малотино. Христијан се вратил во Куманово, па преминал во Кукавичкиот одред на југот на Србија, каде што често говорел за Македонија, за својот крај и за желбата таму да се формира нов одред. Како дел од 2-та чета на Кукавичкиот (Лесковачки) одред во текот на зимските денови се стекнал со борбено искуство и партизанското име „Карпош“. Во април 1942 год. се вратил во Куманово, со цел да формира нов одред.
Таму повторно се поврзал со старите другари и месниот комитет, а откако утврдил дека полицијата не трага по него започнал послободно, но сепак внимателно, да се појавува низ градот, да воспоставува нови врски и да го испитува теренот додека чекал одлука за формирање на одред. Откако добил повик за регрутација во бугарската армија, во август повторно заминал во партизани, придружувајќи се на Црнотравскиот одред на Скопска Црна Гора. Одредот вршел напади врз стратешки позиции и станици во реонот на Прешево и Бујановац, особено во текот на зимата, а во скоро сите од нив учествувал и Карпош. Во февруари 1943 год. четата во која бил и Карпош требала да се спушти кон југ, но не можела да се пробие кон Македонија. Карпош самоволно одлучил да се врати во Куманово и повторно да се обиде да формира партизански одред, наспроти колебањата на месниот комитет поради страв од повторување на судбината на првиот кумановски одред.
Кога се вратил во Куманово, од своите сопартијци во Србија бил осуден на смрт поради напуштање на одредот, а во мај бил осуден на смрт и од бугарски суд, откако полицијата пронашла негов документ кој го оставил при бегство од потера за време на борбите во Врбан во зимата. Сепак, Карпош повторно работел на ширење на партиската мрежа и обучување на младинците, истакнувајќи декај покрај политичката определеност потребна е и физичка издржливост за борби и маршеви. Неговата желба конечно се остварила на 26 јуни 1943 год., кога десетина борци од Куманово се упатиле кон Козјак, стапувајќи во врска со 2-от јужноморавски одред.
На 2 август, Илинден, свечено била положена заклетва од 79 борци од одредот (од кои 19 од идниот Кумановски одред) во местото Св. Илија, 25 км источно од Врање. По заклетвата била прочитана наредбата за формирање на Кумановскиот партизански одред, со 22 годишниот Карпош како командир, а кон крајот на август одредот со 25 борци се префрлил на свој терен, на Козјак. Одредот држел митинзи во селата, палел општински архиви, разоружувал станици и ликвидирал предавници и шпиони, меѓу кои и двајца селани од Малотино одговорни за пријавувањето на Козјачкиот одред во 1941 год.
По ликвидација на една бугарска полициска патрола во Карадак, одредот очекувал напад. Карпош одлучил да се пружи борба и биле заземени позиции околу Карпинскиот манастир близу Куманово, каде што на 5 октомври се водела 14 часовна борба со бугарски полицајци и војници. Не можејќи да ја пробијат линијата, Бугарите отстапиле во текот на ноќта. Оваа победа го подигнала духот на борците и ги прославила помеѓу народот. Веќе наредниот ден одредот разбил четничка група во с. Драгоманце, за кратко потоа да разбие и балистичка група кај с. Думановце.
Кумановскиот одред и херојскиот крај
На 10 октомври одредот бил преименуван во Скопско-кумановски одред и бил разделен на две чети: првата, во која бил и Карпош, дејствувала во реонот Куманово-Кратово-Крива Паланка, а втората во Скопска Црна Гора. Одредот продолжил со партизански акции во селата и постепено го зголемувал својот состав: до средината на ноември броел 79 борци во три чети. На 1 декември 1943 год. одредот, со Карпош како командант, бил реформиран во Прв Кумановски баталјон „Јордан Николов“ со 116 борци. Баталјонот тогаш се соочувал со опасност од четниците кои за спречување на неговата дејност мобилизирале значајни сили во Кумановско. До судир со побројните четнички сили дошло на 10 декември кај с. Дренак, каде што баталјонот под водство на Карпош постигнал славна победа која означила почеток на губењето на четничкото влијание во тој регион.
Кон крајот на 1943 год. востаничкиот пламен се ширел низ Македонија со повеќе слободни територии, а една од нив била и таа во Козјачијата. Таму од 30 декември бугарските сили започнале со офанзивни операции за чистење на регионот. Карпош успешно маневрирал со баталјонот, кој на 13 јануари 1944 год. извршил заседа кај с. Пелинце во која биле нанесени тешки загуби на бугарскиот полициски одред „Бенковски“.
Крајот на Карпошовиот борбен пат дошол ненадејно: на 7 февруари баталјонот „Јордан Николов“ учествувал во нападот на с. Билјача во Прешевско како поддршка на јужноморавските и косовски партизани, а во текот на борбата Карпош бил убиен.
Неговите херојски живот и смрт останале патоказ за неговите соборци и за нас, почитувачите на неговото дело. Слава му на Карпош!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери