1945-1991, Историја, Независна Македонија

Крушево како симбол на Илинден

Илинден македонска државност

По формирањето на македонската држава во 1944 г., централно место во македонскиот национален мит имала Народноослободителната борба во текот на ВСВ која ги поврзува Македонците со останатите југословенски народи. Па така, денот на востанието – 11 октомври бил најорганизирано и најмасовно прославуван по војната. Иако Илинден бил државен празник, неговото одбележување имало споредна улога во однос на прославата на 11 октомври. Тоа се променило во 1960-тите, со заострувањето на реториката на соседите кон македонското прашање.

Промената на државниот фокус: Од 11 октомври кон Илинден

БКП, предводена од Тодор Живков, ја променила партиската линија и на Мартовскиот пленум од 1963 г. објавила дека населението во Пиринска Македонија е бугарско, а дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик – тоа било надополнето со ставот заземен во брошурата на БАН од 1968 г. во која се истакнувало дека Македонците се Бугари. Југославија, која ги држела националистичките движења во својата територија под узда, посветила посебно внимание на македонското прашање и македонската историја поради специфичната опасност во која се наоѓала. Околностите изнудиле потреба со која од дотогашните прикази и прослави фокусирани на социјалистичката, југословенска и понова историја, се преминало на верзии кои биле повеќе македонски.

Притисок од Софија и одговорот на Југославија

Во таа насока било и „оживувањето“ на прославите на Илинден во Крушево, кој бил еден од главните центри за прослава на празникот уште од ПСВ. Во 1968 г. за 65 годишнината на празникот во Крушево се одржала првата официјална прослава од формирањето на македонската држава, а се одело и на Мечкин камен. Во наредната 1969 г. Тито лично го посетил Крушево на 3 август, по што започнал засилен развој на туристичките и индустриските капацитети. Во тој период започнало да се размислува за изградба на споменик во служба на домашна, но и на меѓународна агенда, во пренесувањето на значењето на минатото на новата генерација граѓани. За таа намена во 1974 бил отворен споменичкиот комплекс „Илинден“ или „Македониум“, кој го сврзува значењето на двата Илиндени. Во 1983 г. бил поставен и споменикот на Мечкин камен, каде што до ден денешен се одржува централната церемонија по повод празникот.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD