ВМРО, Историја

Патот до слободата: Херојството на Илинденците

Илинденско востание

На 2 август 1903 година во османлиска Македонија се крева густа магла. Одекнуваат звуците од комитските пушки и бомби. Согледувајќи дека ветената автономија за Македонија нема никогаш да се добие по мирен пат, ВМРО ги активира своите чети низ Македонија во вооружена борба. Начинот на војување е одреден: герилска борба, а не масовно народно востание. Четите да дејствуваат насекаде и во исто време, без да се крене народот. ВМРО немало илузии – целта не била да се победи Турција бидејќи тоа не било можно, туку таа да не може да ги победи востаниците. Востанието требало да трае долго и да се предизвика меѓународна интервенција, како во грчкиот и бугарскиот случај. Четите биле задолжени да ги напаѓаат помалите турски единици по селата, караулите, потерите, турските стражи. На четите им било дозволено да ги напаѓаат турските складишта поради грабеж и уништување, рушење на европските јавни згради, возови, железнички мостови, тунели, телеграфски станици и линии. Планот предвидувал рушење на јавни турски згради, рудници во кој имало странски капитал, банки, минирање на патиштата, а било дозволено напаѓање на турските села и чифлизи доколку не е на штета на христијаните. Строго било забрането да се убиваат жени и деца и да се напаѓаат странски државјани. Нападите требало да се одвиваат ноќе, а за секој напад требало однапред да се подготви план и да се определи место за собирање на четите по акцијата. Во случај на поголема и посложена акција било дозволено здружување на четите. Востаниците добиле советување да ги избегнуваат судирите со поголемите турски сили, а ако дошло до поголемо раздвижување на турската војска, четите требало да се сокријат. Востаниците добиле советување да ги избегнуваат судирите со поголемите турски сили, а ако дошло до поголемо раздвижување на турската војска, четите требало да се сокријат. Со овој план предност им се давало на малите чети кои се сметале за по погодни, додека пак поголемите чети требало да дејствуваат првата ноќ и на крајот од востанието за се постигне поголем ефект. Бидејќи со планот преовладувал герилскиот карактер на востанието, на началниците им била дадена слобода во одлучувањето.

Текот на борбите и меѓународната изолација

На денот на Св. Илија – Илинден, на 2 август (20 јули по стариот календар) 1903 година започнува востанието, кое ќе остане запомнето како Илинденско востание. Над 25,000 македонски комити започнуваат борба со османлиската власт и армија. Најголемите воени акции ќе се одвиваат во југозадапниот дел од Вардарска Македонија (главно во Битолско), во западниот дел од Егејска Македонија, и во Пиринско. Неколку недели подоцна започнале судири и во Одринско и Тракија, кои биле од помал размер и требало да служат како поткрепа на борбата во Македонија преку одвлекување на османлиските сили во тие региони. За справување со ситуацијата биле ангажирани 350,000 османлиски војници. Европските големи сили имале свои интереси во османлиската држава и во регионот, биле против оруженото востание во Македонија и Одринско и за зачувување статус кво. На Владата на Турција и дале полна слобода да ги употреби сите потребни сили и средства за задушување на востанието. Изостанала и поддршката од балканските држави. Во такви услови, при целосна изолираност и во непријателско окружување од соседството, со слаба координација и отстапувања од утврдениот принцип на војување (како во Крушево) пропратено со цивилни жртви, македонските и одринските востанички сили се спротиставиле на огромната османлиска модерно вооружена регуларна армија и на нерегуларните воени формации, кои примениле тактика на тотално уништување на македонските села во востаничките региони. По повеќемесечни борби, за да се поштеди народот од натамошни репресалии, Востаничкиот штаб на 2 октомври издал директива за запирање на востанието.

Последиците од востанието и историската поука

Востанието завршило со тешки последици за македонското население: животот го загубиле 1.000 востаници, над 4.500 цивили, 200 села биле опожарени со што биле обездомени 70.000, а 30.000 ја напуштиле Македонија. Биле обесчестени 3.000 жени. Целите на ВМРО не биле постигнати. Заложувањата на големите сили во полза на Македонија по востанието биле само декларативни и не донеле никакви вистински резултати. По востанието револуционерната организација е тешко погодена, ослабена, обезглавена и дезориентирана и ќе влезе во период на внатрешни превирања кои ќе доведат и до физички пресметки во иднината. Со таков исход на востанието се поставува прашањето „дали вредеше“? Лесно е да се осудува и полемизира од денешна перспектива кога го знаеме исходот на настаните. Вистината е дека била направена голема грешка со донесувањето на одлука за кревање на востанието во летото 1903 година. Не се слави грешката на организацијата, туку решителноста на угнетениот македонски народ да се крене во борба за слобода и правдини.

Од првиот до вториот Илинден: Вечен идеал

Во својата историја сите народи имаат свои јубилеи на настани и личности кои оставиле траги во нивниот историски развој. Илинденското востание иако заврши неуспешно стана симбол на македонскиот непокор и на македонскиот слободарски дух. Илинден е врежан во колективната меморија и свест на македонскиот народ. Борбениот дух и храброста на Илинденците денес се истакнуваат како инспирација за секој еден чесен Македонец и оставаат пример за сите следни генерации на Македонци. Токму тој пример и инспирација служеа како водилка на македонскиот народ до постигнувањето на втор Илинден 41 година подоцна. На Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година, благодарение на новите Илинденци водени од духот на старите Илинденци, се прогласува првата модерна македонска држава.

Браќа и сестри Македонци, да ни е вечен празникот Илинден и вечно да ги помниме хероите од минатото. Слава им на Илинденците и на сите кои ги дале своите животи за слободата на Македонија и македонскиот народ. ДА ЖИВЕЕ ИЛИНДЕН И МАКЕДОНСКИОТ ДУХ!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD