Патриотски приказни
Против големосрпските претензии
Испровоциран од вчерашните напади врз мојот профил од страна на големосрпски шовинисти кои повикуваа на пријавување на мојот профил и ми испратија куп пораки во кои декларираат дека Македонија е српска земја, решив накратко да изложам само неколку историски факти во врска со оваа тема:
Историски контекст и право на владеење
- Србија има најслаби историски права врз Македонија: во Средниот Век српската држава владеела во Македонија околу 140 г. (а врз цела Македонија околу 50 г.), додека Византија и Бугарија владееле околу 230 г. поединечно, а Османлиите 520 г. Ако цениме која земја кому припаѓа по логиката на историско право, тогаш Македонија е чисто турска земја, а Србите имаат најмалку историски права.
- Во Македонија српските големци од средновековието граделе цркви исто колку и бугарските и византиските. Проблемот е што Србите воопшто не се свесни дека Македонија имала влијание од било која друга страна освен српската, па оттаму нивните заблуди дека Македонија е специфично духовно поврзана со српството.
- Во „Начертанието“ од 1844 г. на српскиот државник Гарашанин во врска со официјалните српски претензии на Балканот, Македонија не е спомната. Српската држава била насочена кон излез на Јадранското Море, а Србија ја променила стратегијата дури кога тоа било осуетено во 1878 г. со Австро-Унгарската окупација на Босна – тогаш за прв пат започнала да ги истакнува претензиите кон Македонија и да го претставува македонското население како српско за да обезбеди излез кон Егејското Море.
- Од 1913 г. (до 1941) Вардарска Македонија е ОКУПИРАНА, не ослободена: протерани се сите дотогашни епископи од Егзархијата (многумина од нив родум од Македонија) и заменети со српски епископи; дејците на ВМРО се прогонувани; забрането е славење на хероите од анти-османлиската борба; рушени се споменици на македонските херои; започнува КОЛОНИЗАЦИЈА (кој го колонизира сопствениот народ?).
- Уште во 1913 г. се кренати две востанија против српската окупација, а герилска војна се водела со години – кој крева востанија против ослободител?
- Србија во 1991 г. не и даде слобода на Македонија, туку беше презафатена во Хрватска и БиХ за да ја спречи нашата независност.
Поентата со протерувањето на егзархиските епископи е дека Српската Црква се стекнала со јуриздикција врз Вардарска Македонија преку оружјето на српската војска и со политичкиот чин на окупирање на земјата – не со некаква народна волја или свето право. Дотогашните свештеници и епископи кои во најголем дел биле локални луѓе, родени во Македонија, биле протерани и заменети со српски. Приказните за православно братство и христијанска милост не пронашле свое место во тогашната српска политика. Затоа, „браќата“ Срби нека не говорат за некакви духовни права врз Македонија, со кои се стекнале преку воена окупација. Црквите и манастирите градени од српските владетели во Вардарска Македонија не ги негираат црквите и манастирите градени од бугарските и византиските владетели. Дополнително, да не заборавиме дека историското право за Србите може да биде и проблематичен аргумент – Пеќската архиепископија на контроверзен начин добила автокефалност од Охридската архиепископија во 1219 година.
Прифаќање на реалноста за македонската нација
Окупацијата заврши и време е да продолжиме напред и да создаваме подобри односи. Овој текст не е наменет против Србите како народ, туку против големосрпските претензии кон Македонија. Самиот текст е одговор на вчерашните напади врз овој профил. Братство и единство е добредојдено, но не по цена на историските факти, а уште повеќе на денешната реалност – а таа е дека постои македонска нација, која е посебна и се разликува од соседните. За историјата може да се расправа, ама негирање на денешната реалност и негирањето на нашето право на национална чувство по автоматизам е непријателство. Кој не може да ја прифати денешната реалност може уште веднаш да го напушти овој профил.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери