ВМРО, Идеологија, Историја

Континуитетот на ВМРО

Историски континуитет на ВМРО

ВМРО – од 1893 до 1908, до 1934 или до денес? Зависно од идеолошките определби на поединци или групи, одговорот може да биде различен. Сепак, преку историските факти со кои располагаме може да се стигне до еден објективен заклучок.

Различните ставови водат назад до расцепот на организацијата на Ќустендилскиот конгрес во 1908 год., кога се создале неколку фракции со различни ставови за тоа каква треба да биде внатрешната структура на организацијата, но и каков став треба да се заземе во однос на Младотурската револуција.

Повеќето од фракциите (без Серската група на Јане Сандански и поединечни членови кои биле пасивни во тој период) се обединиле во 1911 год. кога по разговори помеѓу нивните претставници во Софија бил избран нов централен комитет (ЦК) во кој членувале Т. Александров, Х. Чернопеев и П. Чаулев, а резервен член бил А. Протогеров. Организацијата продолжила да делува со последното име ВМОРО (усвоено на Рилскиот конгрес во 1905 год.) и со истите програмски акти и правила усвоени од претходно. Во 1915 год. организацијата се претопила во 11 мак. дивизија, а во 1920 год. била возобновена под името ВМРО со ЦК во истиот состав од 1911 год., со Протогеров на местото на загинатиот Чернопеев.

Возобновување на мрежата: Од Ќустендилскиот до Србиновскиот конгрес

Оспорувањето на континуитетот на организацијата се аргументира со тоа што централен комитет се бирал на конгрес, а таков немало од 1908 год., односно членовите на ЦК утврден во 1911 год. и во 1920 год. не биле легитимно избрани. Сепак, новиот ЦК успеал да ги придобие мнозинството од револуционерните структури – како во 1911, така и во 1920 год. Старите револуционерни врски и мрежи биле возобновени и ВМРО де факто ја продолжила работата на старата револуционерна организација. На следниот конгрес кој се одржал во 1925 год. во Србиново присуствувале претставници од сите шест револуционерни окрузи, бил даден отчет за работата во изминатите 17 години – од 1908 до 1925 год., со што се подразбирал континуитетот на организацијата.

За да се сумира историската заднина: Де јуре ЦК од 1911 год. не бил избран според утврдените прописи. Тоа може да се објасни со поделеноста која преовладувала – не постоеле услови, ниту расположение, за свикување на општ конгрес. Едноставно внатрешните разлики по убиствата врз Сарафов и Гарванов биле преголеми за да бидат надминати. Де факто ЦК од 1911 год., а особено по 1920 год., околу себе успеало да ги собере и обнови мрежите во сите револуционерни окрузи и да се стекне со доминантна позиција во македонското револуционерно движење. На конгресот во 1925 год. присуствувале претставници од сите окрузи и легитимно бил избран нов ЦК, со што може да се оправда и легитимитетот на претходните два состави на ЦК, чија работа ја продолжил тој.

Прашањето за легитимитетот и современите политички интерпретации

Со оглед на гореспоменатото, тезата за дисконтинуитет на ВМРО од 1893 год. со тоа од 1920 год. нема доволна тежина. Во реалноста, покрај бројните внатрешни поделби и „правни“ сплетки, борбата започната во 1893 год. активно продолжила до 1934 год. Официјални имиња, водачи, стратегии и програми на политички движења и организации можат да се менуваат без да се тврди дека е нарушен континуитетот од претходно. На пр., македонската држава во Југославија прво се нарекувала Демократска Федеративна Македонија помеѓу 1944-46 год., па Народна Република Македонија до 1963 год., па Социјалистичка Република Македонија до 1991 год., а државно-правниот континуитет бил пренесен на независна Република Македонија – меѓувремено се менувале устави, претседатели, државни програми и идеолошки определби, но тоа не го оспорува фактот дека македонската државност била воспоставена во 1944 год.

Тоа што може да се оспори е континуитетот со ВМРО кој го истакнуваат бројни политички партии од денешницата. Прво, суштинска разлика е нивниот карактер: тие се политички партии, а не револуционерни организации; второ, ниту една од нив не е распространета низ сите краишта на географска Македонија и поранешните револуционерни окрузи; трето, ниту една од нив во своите програми не предвидува цели во однос на целокупна Македонија, за која се залагале сите раководства и фракции на ВМРО; четврто, постои поголем временски дисконтинуитет со старото ВМРО.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD