1945-1991, Историја, Меѓувоен период

Изгреј зора на слободата

Изгреј зора на слободата

“Rise up dawn of freedom.”

„Маршот на македонските револуционери“, познат и како „Изгреј зора на слободата“ е марш кој бил користен од ВМРО и други македонски друштва и организации во периодот помеѓу двете светски војни и ја претставувал првата химна на Народна Република Македонија. Текстот и музиката се напишани од бугарскиот офицер и композитор Александар Морфов околу 1923 година, а според некои химната била направена по нарачка на Тодор Александров.

Од АСНОМ до забраната во 1948 година

Со оглед на тоа што била напишана на бугарски јазик, во 1943 година е препеана на посовремен македонски јазик од Кочо Рацин и е објавена како прва песна во неговата стихозбирка „Македонски народноослободителни песни“ (иако според некои извори преводот му бил посмртно припишана). Првото заседание на АСНОМ на 2 август 1944 година во манастирот Прохор Пчињски било отворено со интонирање на овој марш, кој станал неофицијална химна на НР Македонија. Така било се до 1948 година кога по резолуцијата на Информбирото Југославија ги прекинува односите со Бугарија, па било забрането интонирањето на химната – со одредница дека е бугарофилска.

Политичките етикети наспроти историската реалност

Од тие причини, повеќе од 70 години подоцна, во Македонија сѐ уште постои резервираност кон химната. Тоа што е компонирана во Бугарија на бугарски јазик (во време кога впрочем нема литературен македонски јазик) не го одзема големото значење на химната за Македонија: таа била користена од ВМРО и македонските патриотски организации помеѓу двете светски војни, како и од основачите на модерната македонска држава. Се сомневам дека некој би можел да ги етикетира Ченто, Брашнаров, Влахов и останатите како бугарофили. Ако тие сметале дека химната ја претставува Македонија и македонската борба за слобода, тогаш ние денес не сме поголем авторитет од нив за да го промениме тоа и да се придржуваме до одлуката од 1948 која била резултат на политичките околности.

“Тирани чудо ќе направиме,
ние туѓо ропство не трпиме,
со јуначка крв ќе ве удавиме
и пак ќе се ослободиме!“

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD