ВМРО, Историја

Јане Сандански – Царот Пирински

Јане Сандански

Пред 150 години, на денешен ден, во селото Влахи на Пирин Планина бил роден војводата Јане Сандански – едно од најзвучните имиња во македонското револуционерно движење. Тука ќе се обидеме да дадеме една оцена за делото на Сандански.

Контроверзности и историски наративи

Сандански е една од најконтроверзните личности од историјата на ВМРО. Од самото основање на македонската држава во 1944 г., ликот и делото на Сандански биле издигнати на пиедестал во македонската историографија, а со не помал восхит бил третиран и од повоената бугарска комунистичка историографија. По падот на комунизмот, во Бугарија дојде до преиспитување на наративите од претходниот режим, додека во Македонија немаше никаква интелектуална и духовна промена: македонските левичари и социјалисти останаа хероите, а сите други останаа предавници, отстапници, туѓи агенти. Па така, во Бугарија денес работите отидоа до една крајност и се истакнуваат само слабите страни и недостатоците на Сандански, додека во Македонија, на другата крајност, се истакнуваат само позитивните заслуги. И едната и другата страна се далеку од реалноста.

Бугарската страна не е тешко да се разбере: таа настапува од позицијата на бугарските интереси, а Сандански недвосмислено се противел на решавање на македонското прашање преку бугарскиот национализам и соединување со Бугарија – негативниот поглед кон него е очекуван, иако Бугарите треба да го имаат во предвид времето и околностите во кои делувал Јане, како што треба да се имаат во предвид историските околности при оценувањето на останатите револуционери кои Македонците ги третираат како „бугарофили“ и „предавници“.

Но читајќи ги македонските историчари во однос на Јане, зачудувачки е како таканаречени интелектуалци (не)свесно ја занемаруваат реалноста и величат контрадикторности. Во една реченица го опеваат Јане за неговиот космополитизам и соработката со Младотурците, а во следната го оплакуваат неуспехот и последиците од оваа авантура. Ова, секако, има политичка заднина: комунистичкиот режим (како и денешните политичари) најголем акцент ставал на утопијата за „братство и единство“ помеѓу народите, па оттаму космополитските погледи на Јане биле истакнувани како пример за новите генерации – без оглед на тоа што историјата покажала дека неговиот космополитизам се покажал како промашување и предизвикал голема штета за револуционерното движење. Доволно е да се прочитаат некои записи за Јане од периодот на Младотурската револуција: Османлиите и Грците зборувале позитивно за него, не од љубов, туку затоа што неговите погледи лесно можеле да ги манипулираат за сопствени придобивки (ова треба да служи како поука за нас Македонците). Фактот што ден денешен Македонците сѐ уште липаат за космополитизмот и мултиетничкиот соживот како најголеми филозофски достигнувања на некои од нашите револуционери, говори колку длабоко е вкоренета комунистичката реторика помеѓу нас. Понатаму, уште повеќе се воспева борбата на Јане против бугарскиот елемент, а целосно се премолчува неговото учество во Балканските војни (во содејство со бугарската армија) и поделбата на Македонија. Постојат многу контрадикторности кои се премолчуваат, а за кои нема место да се изложат тука.

Наследството на Сандански и неговата улога во македонската државност

Сепак, како што спомнавме, тоа е едната страна на приказната. Како што во одбрана на делото на Тодор Александров се приложува фактот што бил обожуван од најголемиот дел од Македонците кои живееле во негово време, истото може да се каже и за Јане во Серскиот округ. Таму тој го поттикнувал образувањето на тамошното население и го финансирал школувањето на поистакнатите; се залагал за духовното издигнување преку градење на цркви и водел сметка за моралот на народот; посветил големо внимание на аграрното прашање и интервенирал со мерки и правила кои го регулирале односот на селаните со османлиската власт во насока на поголема слобода и независност од државата; пружал заштита на експлоатираните селани и набавувал стручна литература за нивно образување за одгледување на повеќе земјоделски култури, а се организирале и селски кооперативни каси за кредитирање на населението при потреба и многу други дејности кои со право го етаблирале како народен водач. Неговите гледишта придонеле за развивање на македонскиот национализам и идејата за македонска државност.

Мораме да разбереме дека ништо не е црно-бело во историјата – секоја приказна има две страни. Поделбите на леви и десни во 21 век немаат никаков позитивен придонес. На истиот начин на кој многу македонски патриоти (кои се однесуваат како да живеат во 1953 г. како функционери на КПЈ во Белград) ги дискредитираат македонските револуционери од десницата можат да бидат дискредитирани и Јане и сите останати револуционери – од прв до последен – бидејќи ниту еден не бил непогрешлив и совршен: ниту Јане, ниту Гоце, ниту Александров. Треба да ги разбереме историските околности, да извлечеме поуки и да ги почитуваме оние кои, покрај своите недостатоци, искрено се бореле за слободата на својот народ.

Без оглед на спротивставеностите, Сандански несомнено бил човек со огромни квалитети и цврста волја кој ја испишувал историјата како водач на македонскиот народ. Затоа велиме: слава му!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD