ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Кирил Дрангов – Заборавениот борец за Македонија

Кирил Дрангов

Во времето на претходниот систем не се слушало многу за семејството Дрангови помеѓу Македонците. Денес Борис Дрангов го пронајде своето место, а допрва почнува да се популаризира и дејноста на неговиот син, Кирил Дрангов – достоен син на великан како неговиот татко.

Потеклото и раните години на младиот Дрангов

Кирил бил роден во Лом во Бугарија (каде што неговиот татко служел војска) на денешен ден, 15 јули, во 1901 г. По таткова линија водел потекло од Скопје, а по мајчина од Младо Нагоричане. Пораснал во родољубиво семејство. Уште како ученик се пријавил како доброволец во бугарската војска за време на ПСВ. Во 1920 г. во Софискиот универзитет, каде што тој студирал право, било основано Македонското студентско друштво “Вардар”, а Кирил бил еден од неговите основачи. Таму тој бил во исти кругови со Иван Михајлов и други дејци на ВМРО.

Активноста во ВМРО и блиското пријателство со Михајлов

Во 1924 г. Кирил ја започнал својата дејност во ВМРО и добил голема задача:тој го убил Алеко Василев, организаторот на атентатот врз Тодор Александров. Кирил се покажал како еден од најблиските соработници на Михајлов и во 1925 г. бил назначен за пунктов началник во Софија. Во 1931 г. Кирил бил пратен во Будимпешта на обука за ракување со експлозиви и таму зел учество во соработката на ВМРО со Унгарците и Хрватите. Веќе наредната година бил назначен за резервен член на ЦК. По превратот од мај 1934 г. и забраната на ВМРО, Кирил бил уапсен и интерниран во неколку локации, а бил пуштен на слобода пред почетокот на ВСВ.

Животот во Скопје и трагичниот крај во Софија

По влегувањето на бугарската војска во Македонија, Кирил со семејството се преселил во родниот град на татко му, Скопје, каде што работел како адвокат сѐ до септемврискиот преврат во Бугарија од 1944 г., кога заминал за Софија. Сепак, новата комунистичка власт во Бугарија започнала да се пресметува со поранешните дејци на ВМРО и на 8 јуни 1946 г. куќата на Кирил Дрангов на ул. “Иван Шишман” била опколена од 40-тина полицајци. Во престрелката која следувала Кирил убил 6 од нив, пред да си го одземе животот.

Време е за историска правда

Така згаснал животот на овој македонски револуционер, заборавен од историографијата од идеолошки причини. Време е за Кирил Дрангов да го заземе местото во нашата историја, кое го заслужува како верен борец на мајка Македонија. Вечна му слава!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD