Патриотски приказни
Старите верувања
Во нашите националистички и патриотски кругови често се слуша за традиционализам, традиционални вредности, почит кон минатото. Во денешното „прогресивно“ модерно општество е вистински предизвик да се сочуваат оние работи кои докажано функционирале отсекогаш, но често „традиционализмот“, кога се манифестира како стремеж за безусловно задржување или враќање на старото, е подеднакво штетен како и „прогресивизмот“.
Еден од најрадикалните примери за таков непромислен традиционализам се неопаганите, кои плукаат по христијанството како „увезена“ религија која била непозната за нашите предци. Или пак бугароманите, кои плукаат по македонизмот, тврдејќи дека тој бил непознат за нашите предци кои имале бугарско национално самосознание. Во двата примери се спомнуваат „нашите предци“ и е многу важно за тие дебати да се разјасни кои се „нашите предци“.
Кои се „нашите предци“?
Па така, неопаганите велат дека нашиот христијански Бог не припаѓа во Европа, бидејќи бил подоцна „увезен“ од Блискиот Исток, односно дека имаме должност да ги почитуваме старите богови на нашите прататковци: Зевс, Перун, Јупитер, Один итн. Проблемот со оваа теза за должност кон боговите на нашите прататковци е тоа што овие претходно спомнати богови биле исто така „увезени“ од страна на Праиндоевропејците, кои се истакнале како доминантна јазична и културна група на европскиот континент преку долг процес на миграции помеѓу 4000-1000 г. п.н.е. Пред тоа имало други религиски верувања на овие простори, па така во Македонија во неолитскиот период околу 6500- 3500 г. п.н.е. бил почитуван култот кон Големата мајка, а уште подлабоко во минатото ќе пронајдеме дека нашите предци обожувале дрва, животни и природни појави.
Со оглед на тоа, која е вистинската религија на нашите предци? Перун, Големата мајка, сонцето, кравата, дабот или нешто друго? Која епоха од нашата историја е „вистинската епоха“ и кои верувања на предците се „вистинските верувања“? Верата на нашите предци во Христа во изминатите еден до два милениуми не се важи? Ако најстарото е најдоброто, треба ли да живееме во пештера, да вршиме нужда во шуми и да носиме животни одлуки засновани на знаците посочени од домашната крава?
Историјата не е замрзната точка
Слично е и со нашите национални расправии со соседите. Ако ние Македонците сме „грешни“ бидејќи не сме Бугари/Срби/Грци како нашите предци, тогаш нашите предци со бугарска/српска/грчка самосвест биле „грешни“ во однос предците пред нив, кои се идентификувале како Словени и христијани, а немале национална свест во денешна смисла. Ако одиме уште поназад, тие кои се идентификувале чисто како Словени би биле „грешни“ во однос на нивните предци, кои не споделувале таква широка колективна свест, туку се идентификувале со своите помали племиња: Берзити, Драговити, Ринхини, Струмјани итн. Уште поназад, на оваа земја живееле античките македонски племиња, а пред нив живеело прединдоевропското население, па така назад до првите анатомски модерни луѓе кои се појавиле на овие простори и за кои познатиот свет се простирал помеѓу најблиската планина и река и шумите меѓу нив.
Ниту едно општество не е совршено и секогаш имало недостатоци, бидејќи самиот човек е несовршен. Постојат некои вредности и искуства кои опстојувале и го издржале тестот на времето поради тоа што биле правилни – тие треба да бидат задржани, но пиењето до бесвест со Цеца во позадина на прослава на Бадник не треба да се продолжи само поради тоа што е традиција за некои; тоа што дедо ти бил член на комунистичката партија и презира компјутерски уреди не значи дека и ти треба да бидеш комунист и да се држиш понастрана од технологијата; ако твојот прадедо се чувствувал како Бугарин не значи дека и ти треба да се чувствуваш така во време кога на располагање имаш неизмерно повеќе информации од твојот прадедо, кои потврдуваат дека вистинскиот пат е тој на самостојната македонска национална самосвест; тоа што некој твој предок верувал дека кравата е бог не значи дека и ти треба да веруваш во истото, кога вистината за едниот Господ Бог е веќе позната во твојата земја; тоа што твоите предци пред 300.000 год. живееле во пештери не значи дека и ти треба да живееш во пештера.
Не за слеп традиционализам и слепо верување во правилноста на сѐ што е старо само поради тоа што е старо.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери