Историја, Османлиски период

120 години од „За македонцките работи“

За македонцките работи

Во една македонска песна се вели „некој со пушка во бој, некој со книга херој“. Крсте Петков Мисирков бил еден од оние македонски великани кои како оружје го имале перото и мастилото. Неговото дело како да не доаѓа доволно до израз во јавноста, во споредба со херојските приказни на борците од револуционерната борба. А сепак, иако Мисирков имал разни фази со спротивставени размислувања, наследството кое го оставил има непроценлива вредност за македонската нација. Пред сѐ, говориме за неговото дело кое оваа година одбележува 120 години од издавањето – „За македонцките работи“.

Книгата, објавена во 1903 год., е задолжително четиво за секој македонски националист. Мисирков во неа се обраќа визионерски, посочувајќи какви се работите во моментот, какви треба да бидат и што ќе се случи доколку не станат такви какви што треба да се.

Повеќе од книга – национален патоказ

Прво, од книгата можете да видите како размислувал еден македонски ум за истите оние прашања за кои се расправаме со соседите до ден денешен, само што се напишани токму во тој историски период за кој се расправаме;

Второ, книгата ги руши некои од разбирањата кои ги имаме за свеста во тој период и може да биде „шок“ за просечниот македонски патриот. Сепак, кога ќе се согледа целосната слика, реалноста која ја изнесува Мисирков треба да биде прифатена бидејќи е историски точна и е предуслов за отворање на еден нов светоглед кој овозможува поефикасна одбрана на македонскиот национален идентитет и потребата од него;

Трето, нуди аргументи во полза на македонската нација кои се валидни до ден денешен, 120 години подоцна. Особено интересна е историската анализа за развојот на македонската самосвест во четвртото поглавје, која не може да биде побиена дури ниту од подоцнежните „идентитетски кризи“ на самиот Мисирков;

Четврто, ги поставува основите на македонскиот литературен јазик.

Наместо тука да се вадат кратки заклучоци од поентите на Мисирков, препорачувам секој Македонец да ја има оваа книга како што треба да ја има Библијата, да ја прочита во целост и да се запознае со размислувањата на еден голем визионер, кој се рамни со големите национални преродбеници на европските народи и со право се нарекува татко на македонизмот.

Минатото како потпора на денешната борба

За крај би сакал да го истакнам следново: покрај квалитетните мисли, историски факти и објаснувања кои се присутни во книгата, треба да се има во предвид општо за сите книги кои се пишувани во други историски времиња дека тие ја претставуваат тогашната перцепција на писателот, врз основа на тогашните политички околности. Да се формираат гледиштата за денешницата ИСКЛУЧИВО врз основа на нечии ставови од пред 100 години е погубно. Материјалот од минатото може да служи само како потпора во разбирањето на денешните процеси, а „За македонцките работи“ пружа токму таква потпора за нашиот македонски национализам.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD