Идеологија, Политика

Леб и игри

леб и игри

„Луѓето кои едно време издаваа воени команди, високи државни функции, легии – сѐ; сега се ограничуваат себеси и загрижено се надеваат на само две нешта: леб и игри“.

Вака римскиот поет Јувенал пред скоро 2000 години го опишувал духот на римското население. Тие што не ја знаат изреката лесно би можеле да помислат дека е напишана неодамна и се однесува на македонскиот народ. Некои Македонци ќе се пронајдат во овој текст, но целта не е тие да бидат понижени: тоа што е сторено – е сторено, сега е време за искрена самокритика и размислување за иднината.

Еуфорија на социјалните мрежи и празнината во реалноста

Деновиве можевме да видиме како владее една општа еуфорија, кафеани преполни со Македонци и македонски знамиња, македонска патриотска музика, социјалните мрежи исполнети со видеа и слики од истото. Весели Македонци, исполнети со патриотски дух, во долги колони се упатуваат кон стадион да ја бодрат фудбалската репрезентација. На фејсбук видов едно видео со радоста на публиката по гол постигнат од нашата репрезентација, а описот на објавата беше „само фудбалот и спортот го можат ова“, напишано неиронично.

Тривијалноста на спортот како замена за националната свест

Македонци, зар сме толку мизерни како нација, како човечки битија, што само фудбалот и спортот можат да го разгорат нашето национално чувство? Зар една толку тривијална работа како спортот е единственото нешто што може да нѐ натера нас Македонците да се радуваме и што е уште полошо – ние сме задоволни со тоа? Ден пред натпреварот близок другар ме праша дали ќе одам на стадион, а кога одговорив не, зачудено ми кажа „па јас мислев дека си патриот“. Во текот на целата година тие кои имаат изразена национална свест се прости, глупави, чудаци, срамота е да се слуша македонска музика и да се вее македонско знаме; но кога има спортски настан, срамота е спротивното. Тогаш сите викаме „МАКЕДОНИЈА“, споделуваме слики од знамиња и се гордееме што сме Македонци. После спортскиот настан, пак на старото.

Хероите од историјата наспроти идолите од теренот

Не го разбирајте ова погрешно; има искрени патриоти кои исто така навиваат за време на спортски настани. Поентата на текстот не е да се поттикне апатија за време на спортски настани, туку тоа национално чувство кое е присутно тогаш да се пренесе во секојдневниот живот. Секој ден да се гордееме со македонското сонце, секој ден да сме горди што сме Македонци. Да не ги заменуваме нашите национални херои со фудбалери: поголема е шансата еден Македонец во текот на годината да сподели слика од Елмас или Алиоски на социјалните мрежи, отколку од национален херој или историски настан. Да не мислиме дека сме го исполниле патриотскиот долг со навивање во кафеана или на стадион, тоа дава лажно чувство дека сме сториле сѐ што треба како Македонци, иако едното со другото е целосно неповрзано.

Опасноста од „етнички неутралните“ симболи

И за крај, да размислиме кого славиме. Знам дека на многумина ова тешко ќе им падне и ќе се навредат и налутат, но мораме да бидеме искрени пред самите себе. Капитенот Ристовски во изјава по натпреварот со Исланд рече дека „во соблекувалната нема Македонци и Албанци – има само дрес“. Понесени од еуфоријата, Македонците воопшто нема да регистрираат што слушнале. Само за дрес се игра во клупско натпреварување, а националниот дрес не ја претставува репрезентацијата и играчите, туку една цела нација. Ако тие играчи не играат пред сѐ како Македонци, тогаш јас лично не гледам никаква причина да ги величам, особено тие како Алиоски кои додека останатите слават со „Земјо македонска“, тој седи со израз на лицето како да му ги вреѓаат родители. Не дозволувајте да ви кројат нов национален идентитет преку спортот – и самите знаете дека ова не е првиот обид, на овој профил беше пишувано и претходно кога ФФМ експериментираше со рисот како „етнички неутрален симбол“.

Не дозволувајте животот да ви се сведе на изреката „леб и игри“ и на тој начин политичките елити да ве изигруваат и искористуваат, држејќи ве под ланец со парче леб, малку струја и спортски настани. Ако заработката на дневница за преживување и гледањето фудбал е тоа што го задоволува вашето постоење како човек, тогаш нешто е сериозно наопаку и крајно време е да се свестите.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD