Историја, Прва светска војна

Македонците во Првата светска војна

Македонците во Првата светска војна

Првата светска војна, или Големата војна – таа голема братоубиствена војна – директно ја засегнала Македонија како ниту една друга војна пред и по неа: по бројот на учесници во неа, по бројот на загинати, по разурнувањето, по разочарувањето. Над стотина илјади Македонци зеле учество во војските на соседните монархии, борејќи се на различни страни. Во тој поглед македонското искуство било слично на полското и украинското.

Балканските војни и отворањето на прашањето

Претходните Балкански војни само привремено го затвориле македонското прашање. Тие го означиле почетокот на тоа што ќе се покаже како најтешкиот период на асимилација и угнетување на македонскиот народ. Сепак, разочарувањето од исходот на тие војни не го скршил македонскиот дух и отпор, кој дошол до израз уште во 1913 год. со Тиквешкото и Охридското востание против српскиот окупатор. Почетокот на ПСВ пружил нова шанса за отворање на македонското прашање пред Европа.

Мобилизација и учество во туѓи армии

Македонците биле меѓу првите кои се вклучиле во војната, бидејќи нејзиниот прв чин, инвазијата на Србија, ја засегнал Вардарска Македонија. До октомври 1915 г. во неа биле мобилизирани 53.000 војници, од кои околу 44.000 биле Македонци. Тие биле пратени да се борат на север против австроунгарската војска, во име и униформата на својот окупатор. Во октомври 1915 год. во војната се вклучила Бугарија, во чија армиска структура била подигната 11-та пешадиска македонска дивизија, составена од над 33.000 македонски борци од различни делови на Македонија кои во оваа единица го нашле својот повик на должноста. Во текот на војната над 100.000 Македонци ја носеле бугарската униформа (дел од нив претходно служел во српската). На крај, 20.000 Македонци од Егејска Македонија се нашле во редовите на грчката армија. И тие се бореле на Македонскиот фронт против свои сонародници, но за нив крајот на војната во 1918 не значел враќање во своите домови, бидејќи биле продолжиле да војуваат во Грчко-турската војна во Анадолија до 1922 год.

Исходот и споредби со други народи

За разлика од Пољаците – кои војувале во редовите на руската, германската и австроунгарската армија, борејќи се меѓусебно, но маневрирајќи за на крајот од судирот да искочат како победници без разлика на тоа која страна ќе биде победник – Македонците војувале против армиите на Австроунгарија, Србија, Велика Британија, Франција и други, гинеле и гледале како македонските градови на фронтовата линија се разурнуваат и на крајот не добиле ништо. Гласните прокламации од страна на Големите сили за право на самоопределување не важеле за поразените Македонци. Очајните повици на македонските интелектуалци и на македонските револуционерни структури се одбиле од европските дипломати како вода од карпа. Агонијата на македонскиот народ допрва почнувала: асимилација и терор од окупаторите во Вардарска и Егејска, а братоубиствен терор во Пиринска Македонија. Но македонскиот дух не бил уништен.

Зошто ПСВ не е популаризирана кај нас

Зошто оваа војна не е популаризирана во Македонија? Бидејќи покрај тоа што стотина илјади Македонци војувале во неа, отсуствувала една „вистински македонска“ страна. Нечесно е да го заборавиме тоа страшно и макотрпно искуство на нашите предци од војната поради нашите емоционални ставови сто години подоцна. На овој ден да се потсетиме на 11-та македонска дивизија и на Македонците кои војувале од Дунав до Анадолија. Да се потсетиме на херојството, но и на грешките (свесни и несвесни) – можеме да учиме и од двете. Лесно е да се суди денес, но некој морал да ги испроба идеите од минатото, за ние денес, преку сознанието за минатите искуства и последиците од нив, да можеме да процениме што е правилно и кој е вистинскиот пат.

Некој морал да гине за разни идеи, за ние денес да знаеме дека единствено вреди да се гине за Македонија на Македонците. За тоа, ние оддаваме почит.
Вечна им слава на борците од минатото.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар