Историја, Меѓувоен период

Македонци во Шпанската граѓанска војна (1936–1939)

Шпанската граѓанска војна

Во Шпанската граѓанска војна (1936-39) на страна на републиканците (сојуз на левичарски фракции, анархисти, комунисти) се бореле околу 50.000 доброволци од целиот свет во Интернационалните бригади организирани од комунистичката Интернационала. Во овие бригади учествувале и 137 Македонци.

Регрутација и канали на заминување

Македонци од трите делови на Македонија и од дијаспората кои заминале доброволно за Шпанија биле организирани преку каналите на комунистичките партии во земјите во кои се наоѓале. Мнозинството доброволци пристигнувале во главниот регрутен центар во Париз, каде што Тито ги координирал доброволците од Источна Европа. Потоа од таму со воз или брод биле испраќани за Шпанија, а имало и такви кои самостојно тргнувале на пат.

Единици и боишта

Најголемиот дел од Македонците биле распоредени во баталјоните „Ѓорѓи Димитров“ и „Ѓуро Ѓаковиќ“ (од 1938 г. заедно дел од 129та интернационална бригада), составени претежно од борци од Југославија, Бугарија и останатите балкански земји, но имало и Македонци во други единици. Тие учествувале во одбраната на Мадрид (1396-39), во битките кај Харама (1937), Брунете (1937), Арагонскиот фронт (1938), Ебро (1938), Каталонската офанзива (1938-39) и др.

Загуби и подоцнежни судбини

Најмалку 48 од македонските шпански борци (нарекувани и „шпанци“) загинале во борбите, а подоцна дополнителни 28 загинале во НОВ. Неколкумина шпански борци добиле одговорни функции по создавањето на македонската држава, а некои завршиле на Голи Оток по резолуцијата на Информбирото од 1948 г.

Мотивација и идеолошки контекст

Едно од главните прашања кое се поставува е: што ги мотивирало овие Македонци да заминат во војна во Шпанија? Одговорот е дека биле водени од идеолошки жар, но пред сè ја поистоветувале борбата таму со македонската борба за слобода. Ветувањето на автономија за Баскија и Каталонија како решение за баскиското и каталонското национално прашање биле оценети како образец за решение на македонското национално прашање, а „фашистичкиот“ непријател во Шпанија бил поистоветен со „фашистичкиот“ непријател дома, односно со поробувачите на Македонија. Нашите кои се бореле таму сметале дека победа за „прогресивните, демократски“ сили е само чекор во заедничката борба која ќе доведе и до ослободување на Македонија.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *