Патриотски приказни
Бугарскиот мит за еден народ
Од нашите источни соседи често можеме да ги слушнеме паролите „еден народ – две држави“ или „и претходно и сега, Македонија е бугарска“. Колкава тежина имаат овие верувања?
Потрагата по коренот, потеклото на еден народ, треба да започне од самиот почеток. Почетокот се првите човечки миграции во одредена територија, но за да заштедиме на време ќе започнеме со последната голема демографска промена во Македонија – населувањето на Словените во 6-7 век. До тој период во регионот Македонија живееле антички Македонци, Илири и (најверојатно) во помала бројка Тракијци во источните краеви. Истовремено, во тоа што денес е Бугарија предоминантно живееле Тракијците. Значи, до тој период териториите на Македонија и Бугарија се исполнети со меѓусебно различни народи, култури, јазици и историја.
Потоа доаѓа периодот на словенската миграција и создавањето на бугарската држава. Бугарскиот европратеник Андреј Џамбаски во едно видео обраќање изјави дека „на Балканот сме 1.400 години. Во текот на цел тој историски период Македонија ни припаѓаше нам (на Бугарите)“. Историската наука вели друго: во изминатите 1.400 год., Македонија (или барем поголемиот дел од неа) била дел од Бугарија околу 235 год.: 16%. Според ова, очигледно е дека Џамбаски и бугарските антимакедонски шовинисти имаат сериозен проблем со математиката.
Математиката на окупацијата: Колку долго Македонија била дел од Бугарија?
Сепак, можно е некој да каже дека државноста не значи ништо, туку дека важна е крвта. Тоа не е погрешно гледиште. Ајде тогаш да позборуваме за крвта.
Доаѓањето на Словените го претставува последниот значаен придонес кон етногенезата на модерните Македонци. Па така, денешните Македонци во себе го носат генетскиот код на предсловенското население (кое не било исто со тоа во територијата на денешна Бугарија) и Словените. Во Бугарија е различно: таму словенската миграција не била последната значајна генетска и културна промена, бидејќи кон крајот на 7 век пристигнале азијатските Прабугари, кои не оставиле свој етнички белег во Македонија (Бугарите ќе укажат на епизодата со Кубер, која е воглавно мит и за која ќе има посебна објава).
Прашање на крвта: Каде исчезнува прабугарскиот генетски код во Македонија?
Дали еден човек може да биде Бугарин доколку го отфрла бугарското минато поврзано со прабугарските владетели? Може, доколку е Бугарин по крв – односно доколку во себе има тракијска, словенска и минорна, но присутна прабугарска крв. Но ние Македонците не само што немаме бугарска крв, туку и старите и славни бугарски владетели не ни значат ништо повеќе од било кој друг соседен владетел. Која поврзаност ја имам јас како Македонец со историското наследство на Кубрат, Аспарух или Тервел, кои не виделе М од Македонија во текот на нивното владеење? За мене и Борис и Симеон, кои владееле со Македонија, се славни средновековни монарси кои оставиле белег врз македонската историја, но да кажам дека се „мои“ би значело дека треба да го кажам истото за српскиот цар Душан, или за кралот Милутин, или за византиските цареви кои исто така оставиле белег врз македонската историја.
Владетелите се менувале, но единствениот фактор кој останал непроменет бил македонскиот народ од кој векови подоцна, без оглед на политичките, општествени и идентитетски промени низ вековите, била развиена македонската национална свест која ја имаме денес.
Политички идентитет наспроти етничко потекло во средновековниот феудализам
Тоа дека во средновековна феудална Европа немало услови за појава на општонародна национална свест во денешна смисла на поимот е факт кој во најголемиот дел од светот (очигледно не и Балканот) е неоспорен. Терминот „Бугарин“ во Средниот Век, кој се стекнал со надетничко значење во времето на Борис I и се користел и во Македонија, бил политички и ги означувал поданиците на бугарскиот цар. Етничкото потекло е пред сѐ поврзано со крвта: етнички ти си тоа што си од своето раѓање, односно тоа што се твоите родители, независно од моменталната свест или државната припадност. Бугарин во тоа време не можело да биде етнички термин, бидејќи кој бил Бугарин зависело од територијалното ширење на бугарската држава: тој што вчера бил Словен од X племе, од денес по вклучувањето на неговата земја во бугарската држава и неговото потчинување кон бугарскиот цар бил Бугарин. Тој не се родил Бугарин, туку станал Бугарин како резултат на политички промени. Државната припадност, особено во ерата на феудалниот поредок, за огромното мнозинство од населението била само формална одредница и така било низ цела Европа.
Вистина е дека при формирањето на новиот бугарски политички идентитет најголем дел од македонските Словени веќе биле дел од бугарската држава, па тие се стекнале со тој идентитет од самиот негов почеток. Но со тој политички идентитет се стекнале и други Словени, сѐ до Срем и Јадранското Море. Од друга страна, Словените во поголемиот дел од тоа што денес е Егејска Македонија не биле дел од бугарската држава кога се појавил новиот политички идентитет, односно не биле опфатени од него, па според бугарската логика Словените од Егејска Македонија немаат поврзаност со бугарската идеја, што не се совпаѓа со нивната пропаганда.
Во секој случај, географската целина Македонија, јасно одвоена од Бугарија во чисто географска смисла, пред Средниот Век имала различна историска насока од Бугарија, а и во најголемиот дел од Средниот Век и по него имала различни историски процеси и влијанија во однос на Бугарија. Тоа што македонските Словени во еден краток историски период биле дел од бугарската држава и политичкиот термин „Бугарин“ се однесувал и на нив не значи апсолутно ништо во однос на валидноста на македонската нација денес. Да се биде Бугарин едно време значело да се говори туркиски јазик и да се обожува Тенгра; едно време колективната свест на нашите македонски предци била припадноста кон сопственото племе: Драговити/Берзити/Ринхини; едно време во Скупи се говорело латински јазик. Дали денес скопјани треба да започнат да говорат латински јазик, Охриѓани да прогласат дека не се Македонци, туку Брсјаци, а Бугарите да ги закосат очите како некои од нивните прататковци?
Од Скупи до денес: Идентитетот како динамичен историски процес
Бугарската логика не е исклучиво присутна во Бугарија, туку е истата логика која ја користат сите поголеми народи со поразвиени средновековни државни традиции во однос на нивните помали соседни народи. Ова треба да се знае бидејќи лесно може некој да си помисли дека “не може сите кои нѐ оспоруваат да грешат, а само ние Македонците да сме во право”, но иста борба како нашата споделуваат многу други европски и светски народи.
Не постои некое морално или пишано правило дека до одреден период од историјата се прифаќа развојот на нечиј идентитет, а по таа одредена замислена точка сѐ е невалидно, фабрикувано, измислено од Коминтерната и слично.
На работите треба да се гледа поразумно и од поширока перспектива. Ниедна нација не извира од вечноста и не е вечна, но некои народи и племиња имале предиспозиции за развивање на посебна национална свест. Македонскиот народ ја имал таа предиспозиција – географски, културно и етнички – и денес имаме македонска нација, со посебна историја и свест од бугарската или било која од соседните нации.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери