ВМРО, Историја, Османлиски период

ТМОРО

ТМОРО

Во 19 и 20 век во Македонија и меѓу македонската дијаспора се појавиле многу организации кои имале за цел да го помогнат македонското дело и борбата за слобода. Ниедна од нив немала толку големо влијание меѓу народот како Тајната македонско-одринско револуционерна организација. Позната под неколку имиња во текот на нејзиното постоење, оваа македонска револуционерна организација ги изградила темелите на модерното националноослободително движење.
Кон крајот на 19 век имало неколку обиди за формирање на единствено македонско ослободително тело. Главните причини се веќе познати. Обесправеноста на македонскиот народ по конгресот во Берлин и пропагандите на соседните народи се само некои од нив. Обидите за креирање на ваква организација започнале уште од 1889 година. Пере Тошев, Даме Груев, Иван Хаџи Николов и други дејци имале слични идеи за тоа како треба да изгледа една вистинска македонска револуционерна организација. При крајот на 1893 година, поточно на 23 октомври (стар стил), дошло до создавање на Македонската револуционерна организација. Таа била основана во Солун, тогашниот центар на Македонија.

Основачите и издигнувањето на организацијата

Вкупно шест видни македонски интелектуалци ја основале организацијата. Преку Петар Поп Арсов, Даме Груев се запознал со идеите на Иван Хаџи Николов. Поради потреба од медицинска помош, Дамјан го запознал и д-р Христо Татарчев. Полека кон оваа идеја биле приклучени и учителите Андон Димитров и Христо Батанџиев. Домот на вториот послужил како локацијата на која биле поставени темелите на Македонската револуционерна организација – МРО. Со текот на времето кон организацијата се приклучувале големи интелектуалци како Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Пере Тошев, Борис Сарафов и Јане Сандански. Ова ја воздигнало организацијата на едно ново ниво, дотогаш невидено во ослободителното движење.

Идеалите, активностите и подоцнежните расцепи

Една од главните цели на ТМОРО била да извојува автономија на Македонија со своите сопствени сили. Секоја материјална помош од страна била добредојдена, но Организацијата не дозволувала да стане марионета на странските интереси. Уште од нејзините почетоци, таа била строг противник на Бугарската егзархија која работела во корист на бугарската пропаганда. Организацијата соработувала и имала добри односи и со Македонскиот комитет сè додека тој не станал слуга на бугарскиот двор. ТМОРО не дозволило сила која дејствува надвор од територијата на Македонија да ја преземе револуционерната борба во свои раце.

До нејзиниот расцеп во 1908 година, Организацијата имала неколку поважни акции. Секако, најважно е Илинденското востание кренато во 1903 година. Покрај него, можеме да ја издвоиме и аферата мис Стон како и акциите на четничкиот институт. По расцепот на ВМОРО се извршени неколку обиди за негово возобновување. Иако се појавиле бројни организации кои се прокламирале за негов наследник, до обнова достојна на ВМОРО нема да дојде, барем не до крајот на Првата светска војна.

Напишете коментар