1945-1991, Идеологија, Историја

Македонскиот национализам и Југославија

Македонски национализам во Југославија

Мислењата за улогата на федеративна Југославија врз развитокот на македонската нација се поделени. Од една страна, многумина чесни македонски родољуби кои барале поголема или целосна политичка независност на Македонците биле прогонувани, затворани и убивани од комунистичкиот режим, а политиката на највисоко ниво се создавала во Белград; од друга страна, во СФРЈ Македонците за прв пат добиле национално признавање и имале сопствена држава, во која имале релативна слобода за создавање и развивање на сопствени институции, негување на национална мисла и култура и нивна заштита. Вистината е некаде во средината.

Познато е дека комунистичката идеологија е интернационалистичка и во крајна линија цели кон бришење на националните поединечности, меѓутоа не е вистина дека комунистичките движења во 20 век биле слепи и глуви за националното прашање. Напротив, тие го афирмирале тоа прашање и активно се занимавале со него, бидејќи теоријата е една, а реалноста и потребите кои произлегуваат од неа се друга работа.

Улогата на националниот идентитет како одбранбен штит

Во СФРЈ српскиот и хрватскиот национализам биле ставени под строг надзор, поради искуството од минатото и заканата која ја претставувале за „братството на југословенските народи“. Од друга страна, македонскиот национализам во СФРЈ имал посебна положба и бил отворено промовиран (паралелно со истакнување на заедништвото на југословенските народи). Тоа било така поради опасноста која доаѓала од соседите кои историски имале аспирации кон македонската земја, а пред сѐ поради опасноста од Бугарија, која била најголема. Силен македонски национален идентитет служел како брана против големобугарската политика и требал да стави крај на препирките помеѓу балканските нации, чии аспирации се судирале во Македонија.

Истовремено, за да се избегнат несакани последици (на пр. појава на сепаратизам), комунистичкото раководство мудро го насочувало македонскиот национализам во контролирана насока, врзувајќи го со Југославија и иднината на југословенските народи. Таа стратегија оставила последици до денешен ден, воглавно во историската и политичката свест на македонскиот народ.

Селективна историја: Идеолошкото филтрирање на револуционерното минато

Па така, факт е дека македонскиот национализам бил поставен на цврста антибугарска политика, нешто што е сѐ уште присутно (во изминатиот период уште повеќе засилено како реакција на возобновениот бугарски иредентизам), а таквата насока била потребна за да се одалечат македонскиот и бугарскиот народ, кои историски имале многу посилна меѓусебна врска во споредба со врските помеѓу македонскиот и другите југословенски народи. Во таа насока било и манипулирањето со историјата на македонската револуционерна борба – се истакнало гледиштето за „добри“ и „лоши“ дејци на ВМРО: добри биле оние кои биле блиски до социјалистичките идеи и ја прифаќале идејата за Балканска федерација (која подоцна била олицетворена во СФРЈ, па таквите тежненија се совпаѓале со југословенскиот идеал); а лоши биле оние кои ја истакнувале идејата за независна Македонија, кои се противеле на идеологизирање на револуционерната борба преку инфилтрирање на комунистичката идеологија, или кои имале пробугарски тежненија. Притоа, осудувањето на пробугарските тежненија било дволично: јавните пробугарски искази на левичарските дејци на ВМРО биле игнорирани или оправдувани, а за исти такви искази оние кои не биле левичари добиле етикети „предавници“, „фашисти“, „слуги на бугарскиот двор“ итн.

Најголемата последица од оваа стратегија на КПЈ и КПМ е искривениот македонски поглед кон историјата, кој ден денешен сѐ уште предизвикува поделби, комплекси и идеолошки ги осакатува Македонците, блокирајќи го развојот на здрав, творечки македонски национализам со особини кои не се совпаѓаат со комунистичкиот светоглед и историските тези поставени од поранешните комунистички структури.

Кон нов македонски национализам: Надминување на црно-белата слика

Комунистичкиот режим ја имал правата идеја во поглед на афирмирањето на македонската нација и државност, односно темелите биле здрави. Сепак, нормално е што врховно се водел според потребите на југословенската политика. Денес нема југословенска политика, туку македонска, па треба соодветно да се моделира градбата чии темели биле удрени во 1944 год.

Затоа, за југословенскиот период сликата не е црно-бела: некои заслуги треба да добијат признание, а некои грешки да бидат поправени.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD