Патриотски приказни
Маричка битка
На 26 септември 1371 год. се случил еден од одлучувачките настани од македонската и балканската средновековна историја – во битката кај Марица здружената христијанска војска на кралот Волкашин и деспотот Угљеша била поразена од османлиските сили, со што бил отворен патот за османлиски продор во Македонија.
Османлиска интервенција и балканскиот контекст
Првите османлиски напади на Балканот биле по покана и барање од византиските цареви, кои во своите постојани војни против соседите и во меѓусебните борби за престолот најмувале османлиски војници. Со тек на времето Османлиите започнале да присвојуваат територии и да ја шират својата власт во Тракија, а балканските држави – Византија, Бугарија, Србија – биле преокупирани со меѓусебни војни и внатрешни судири.
Распад на Српското Царство и регионалните слабости
Прв кој ја увидел опасноста од Османлиите бил српскиот цар Стефан Душан – тој во 1354 год. стапил во преговори со папата Инокентиј VI за крстоносен поход против заедничкиот непријател, меѓутоа починал наредната година, а Српското Царство кое во негово време го достигнало својот зенит започнало да се распаѓа под власта на наследникот Стефан Урош V (наречен Слабиот). Власта на царот била номинална бидејќи на територијата на царството се појавиле повеќе автономни феудални кнежевства, кои меѓусебно војувале и склучувале сојузи. Состојбата била слична во Бугарија, каде што се одвоиле три мали „царства“ и други помали полунезависни кнежевства. Византија, по три династички војни во 14 век, се наоѓала во руинирана состојба.
Неусогласеност и обиди за отпор
Покрај сѐ посмелото настапување на Османлиите, балканските владетели немале доверба едни во други и биле целосно преокупирани со меѓусебните борби. Но постоеле и такви, кои непосредно соочени со османлискиот терор решиле да преземат дејство.
Иницијативата на деспот Углеша и сојузот со Волкашин
Серскиот деспот Јован Углеша прв се наоѓал на првата линија на османлиските напади во Македонија. Тој во годините пред битката настојувал да постигне сојузништво со Византијците за заедничка борба против Османлиите, но тие биле неодлучни. Најголемиот дел од останатите српски феудални господари немале интерес за такво дејство против некој си далечен непријател, кога си имале доволно проблеми во својот двор. Единствениот кој излегол во пресрет бил неговиот брат, кралот Волкашин.
Кралот Волкашин: база на моќ и моментот за напад
Кралот Волкашин бил совладетел на царот Урош и еден од најмоќните господари на територијата на Српското Царство. Неговото седиште било во Прилеп, а заедно со неговиот брат Углеша владееле со најголемиот дел од Македонија, која била центар на нивната моќ. Летото 1371 год. Волкашин со својата војска се наоѓал во Скадар, подготвувајќи се за продор кон Црна Гора во поддршка на еден од неговите феудални сојузници, но тогаш добил порака од Углеша: султанот со главнината на османлиските сили е во Анадолија и сега е мигот за напад.
Составот на силите и планот за Адријанопол
Двајцата браќа ги здружиле своите сили – изворите спомнуваат 60.000 војници, но реално броеле 10-15.000 и ја претставувале дотогаш најголемата балканска сила која им се спротивставила на Османлиите. Јадрото на оваа здружена сила доаѓало од мобилизираното словенско население од Македонија, а најверојатно биле засилени и од севастот на Валона, Александар Комнин Асен и неговите борци. Планот бил да се заземе Адријанопол, кој бил бранет од беглербегот Лала Шахин и значително помал број на борци.
Ненадејниот ноќен удар кај Марица (25/26 септември 1371)
Христијанската војска пристигнала до р. Марица и поставила логор на нејзиниот десен брег, близу Черномен на околу 40 км до Адријанопол. Ноќта на 25/26 септември, најверојатно пред мугри, Лала Шахин со своите помалубројни сили извршил ненадеен напад на логорот. Деталите не се познати, но се знае следново: христијанската војска не била претпазлива, била изненадена и настанала кланица. Османлиите нападнале од три страни, принудувајќи го противникот да се обиде да побегне преку реката – многумина се удавиле, а животот го загубиле и Волкашин и Углеша. Најголемиот дел од нивната војска бил истребен.
Последици за Македонија и Балканот
Катастрофата кај Марица ја оставила територијата на Македонија без нејзините најдобри борци. Околните господари започнале да ги грабаат земјите на загинатите браќа, сѐ уште не согледувајќи дека наскоро сите ќе станат жртва на султанот, кој во иднина завладеал со целиот Балкански Полуостров – власт која траела со векови.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери