Идеологија, Историја, Политика, Среден век

Маричка поука

Маричка поука

Од Маричката битка (1371 год.) може да се извлече една Маричка поука, која во основа гласи дека треба да се гледа подалеку од она што ни е пред носот, за да не се лечи тоа што може да се спречи.

Балканот пред османлиската експанзија

Околу средината на 14 век Балканот се наоѓал во состојба на слабост и политичка фрагментција. Српското Царство се поделило на многу помали кнежевства, Бугарското се поделило на три царства и други помали кнежевства, а Византиското било изнемоштено од постојаните борби со соседите и внатрешните борби за престолот. Во такви услови започнал подемот на Османлиите на Балканот.

Првите османлиски упори на европско тло

Во византиската династиска војна помеѓу 1352-1357, царот Јован VI Кантакузин ги повикувал Османлиите како сојузници и како база за понатамошна поддршка во 1352 год. им ја отстапил тврдината Цимпе на Галиполскиот Полуостров – првиот османлиски посед на европско тло. Две години подоцна тие ја заземале тврдината Галиполе и започнале трајно да се населуваат во тој регион, сега одлучни да ја прошират својата власт низ Тракија и Балканот.

Кратковидост на балканските владетели

Освен српскиот цар Душан, кој починал пред да биде извршен неговиот план, ниту еден друг владетел не размислувал за оваа нова опасност од истокот. Кралевите и кнезовите не гледале подалеку од непосредната опасност за нивната власт и моќ, пролевајќи крв и трошејќи ресурси во бескрајните меѓусебни борби во кои ја уништувале сопствената земја и земјата на своите сонародници. Може да се замисли нивната перцепција: што имаат они со некаква орда која уништува и ограбува во Тракија, нека му ја мислат Ромеите!

Реакции по Маричката битка

Можеби навистина оваа опасност од овој туѓ, азијски народ, се чинела далечна и не можело да се предвиди дека Османлиите ќе продолжат со освојување на целиот Балкан, па затоа само Углеша кој се наоѓал во непосредна опасност ја увидел состојбата, а Волкашин му помогнал бидејќи тие биле браќа. Но интересна е реакцијата на соседните феудалци по смртта на браќата: тие почнуваат да ја грабаат нивната земја. Дури и тогаш уште не разбирале што им се подготвува. Дури и кога град по град паѓал пред Османлиите, балканските владетели не гледале преку ридот зад кој минувале и пустошеле османлиските војски, туку продолжувале со своите внатрешни борби.

Паралели со денешницата

Ние денес не сме поразлични од овие кратковидни балкански феудалци. Гледаме што се случува со западниот свет, гледаме како нови орди пустошат и уништуваат некогаш мирни и просперитетни градови, како силуваат и убиваат луѓе нам слични, но велиме „што имаме ние со тоа што се случува во Западот, знаеш ли они што ни правеле пред X време?“. Најверојатно истиот однос го имале српските и бугарски феудалци кога гледале како Османлиите пустошат низ Тракија: „ако им е на Византијците, нели знаеш што му направија они на дедо ми?“. Тогаш скоро никој не можел да претпостави дека османлиската опасност ќе се прошири низ целиот Балкан, а нема да се задржи само во Тракија – како што денес многумина веруваат дека тоа што се случува на Западот ќе се задржи само таму.

Фокус и далекувидост во исто време

„Што се замараш со ова, си имаме ние наши проблеми“ е често многу грешен став. Возможно е еден човек да обрнува внимание на две работи истовремено, особено кога има пример од минатото дека навистина треба да биде загрижен за непосредната и подалечната опасност истовремено, за да се обиде навремено да го спречи преминот на подалечната опасност во непосредна – ако ова било увидено од балканските феудалци во 1371 и Османлиите биле поразени кај Марица и протерани од Балканот, тогаш немало 500 години да се трпат последиците.

Историска претпазливост и сојузништва

Сепак, вистина е дека треба да се биде претпазлив и да се пресметуваат работите правилно. Ако обединувањето на балканските христијани не се случило во 1371, тогаш се случило во 1912: Османлиите биле поразени, но знаеме што се случило подоцна и ги знаеме уште потешките страдања на македонскиот народ. Треба да се има пријателски и братски односи со сите словенски, европски и христијански народи, но поради претходно споменатата причина таквиот стремеж не смее да ни го помати умот за реалноста на меѓусебните односи.

Заклучок

Затоа одбраната на нацијата е на прво место, но не губиме ништо доколку се обидуваме да создадеме свест за другите врски кои постојат помеѓу нашите народи и кои доаѓаат до израз особено кога сите сме соочени со заедничка надворешна опасност, пред таа да се претвори во наша непосредна, национална опасност. Да бидеме подготвени за новата Маричка битка.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD