Историја, Среден век

Бугарскиот мит за Куберова Бугарија

Кубер во Македонија

Според бугарската историографија Кубер основал бугарска држава на територијата на Македонија и оваа приказна во бугарското општество служи како аргумент за истакнување на тезите дека и Македонците имаат поврзаност со прабугарското наследство и за неделивоста на Бугарија и Македонија – еден народ во две држави. Оваа приказна е мит.

За дејноста на прабугарскиот водач Кубер (припадник на кланот Дуло и брат на ханот Аспарух) и неговата орда сведочат пишаниот извор „Чудата на Свети Димитриј“ (втората книга) и археолошките остатоци, па во овој текст ќе се осврнеме на нив.

Кон средината на 7 век, Кубер со неговата прабугарска орда пристигнал во Панонија (тогаш под аварска власт) и служел како вазал на аварскиот хан. Кубер под своја власт го добил Сремскиот регион кој тогаш бил населен со христијански византиски заробеници, кои паднале во рацете на Аварите и уште од почетокот на векот живееле под аварска власт, станувајќи познати како Сермесијани. Кубер, искористувајќи го сентиментот на Сермесијаните кои дури и по две генерации не престанале да сонуваат за враќање во својата земја (Византија), околу 670-80 год. кренал бунт против аварскиог хан и со својата орда и Сермесијаните (кои според изворите биле 70.000, бројка која сигурно е преувеличена, но сведочи дека тие биле мнозинство во ордата на Кубер) се упатил кон југ.

Од Панонија до Солунско: Бунтот на Кубер и Сермесијаните

Кубер и неговата орда (составена мнозински од потомците на византиските заробеници) пристигнале во Македонија, во рамнините на Солунскиот регион. Ова било одобрено од византискиот цар кој наредил соседното словенско племе Драговити да ја снабдува ордата на Кубер со храна. Меѓутоа, Сермесијаните сѐ уште копнееле по земјата на своите прататковци и започнале да се одвојуваат од ордата. Кубер, стравувајќи дека ова ќе ја ослабне неговата позиција, побарал од византискиот цар да им забрани на Сермесијаните да ја напуштаат рамнината, но ова било одбиено.

Како резултат на ова, во 680 г. Кубер направил обид за заземање на Солун, но бил неуспешен. По овој настан пишаните извори повеќе не го спомнуваат Кубер.

Археолошки траги и неуспешниот обид за заземање на Солун

Сега кога завршивме со познатата биографија на Кубер, можеме да го поставиме прашањето: дали Кубер основал бугарска држава во Македонија, како неговиот брат Аспарух крај Дунав?

Држава значи граници, население, некакви формални органи – ништо од тоа не е присутно во приказната на Кубер. Историографијата до сега не познава некаков доказ кој би укажал на формирање на некаква државна организација од страна на Куберовата орда, туку едноставно се работи за привремено населување на едно племе. Остатоци од богатството на Кубер, кое се претпоставува дека било украдено од аварскиот хан, се пронајдени кај Корча и Елбасан, во Албанија, што посочува на тоа дека ордата на Кубер (или дел од неа) не се задржала во Солунскиот регион. Тоа можело да биде само распрснување или емигрирање на ордата, а не некакво територијално проширување, со оглед на тоа што по бегството на Сермесијаните таа бројчано не била во состојба да се истакне како сериозен фактор во околината, каде што веќе биле присутни повеќе словенски племиња. На една Виничките теракотни плочки е претставена борба на Бугари и Словени кон крајот на 7 век, па според тоа може да се претпостави дека дошло до судир помеѓу Бугарите на Кубер и соседните македонски словенски племиња.

Зошто тезата за „две Бугарии“ е историска фантазија?

Мадарските натписи од почетокот на 700-тите сведочат за присуство на Бугари во околината на Солун (скоро со сигурност може да се тврди дека се работи за Кубер). Поради тоа, од Бугарите денес може дури да се чуе дека Борис I со освојувањето на Македонија во половината на 9 век ги обединил двете Бугарии – Дунавската и Куберовата. Таа фантазија е оспорена од фактот што без оглед на тоа дали ордата на Кубер се распрснала во околината, или била растерана од Словените/Византијците, веќе на почетокот на 9 век кога Крум и Пресијан вршеле упади во Македонија немало ниту трага, ниту глас од Куберовите Бугари, а уште помалку некакво кнежество/кралство/царство.

На територијата на Македонија не е зачувано било какво локално предание или културно наследство поврзано со Прабугарите – едноставно не била оставена никаква трага од ордата на Кубер. Ниту една светска историографија, освен бугарската, не ја зема во предвид тезата за т.н. „Куберова Бугарија“.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD