Идеологија

Мирот како резултат на моќта

моќ и мир

Ако сакаш мир, подготви се за војна.

Природата како учител на одбраната

Предаторите често ги издвојуваат малите, слабите или болните бидејќи тие се најлесна мета. Во природата наоѓаме начини на одбрана на пленот од грабливците: движење во стадо, менување на бојата како сигнализација на присутната опасност од отрови, предизвикување и плашење на напаѓачот преку блеф, прикажување на некаква вештина која треба да го увери напаѓачот дека ќе му биде поисплатливо да бара друга мета и слично.

Тоа што се наоѓа во природата може да се најде и во политиката. Како што некои животни се држат како група бидејќи така се посилни, така и државите формираат воени коалиции; како што некои животни при опасност сигнализираат дека поседуваат некаков отров, така и некои држави го демонстрираат својот воен арсенал за одвраќање на можните напаѓачи.

Значи, ако некое животно е рането, ако некој човек изгледа физички неподготвен, ако некоја држава покаже дека нема одбрана – без разлика за каков вид на суштество или структура станува збор – тие ќе бидат мета на предатор. Ќе бидат нападнати, тормозени, понижувани, поробувани. Дури и да поседуваат поголема сила од напаѓачот, доколку таа не е прикажана – односно доколку нема заедништво, нема сигнал на способност за одбрана, ниту пак маскирање на слабостите – на некаков начин ќе бидат мета.

Шансите се огромни за грабливецот да го нападне својот беспомошен и слаб плен, бидејќи не стравува од последиците. На жртвата ѝ останува да се моли, да се умилкува и да пробува да извлече некаква милост. Колку поголема ранливост, толку поголема веројатност за агресија од едната страна.

Моќта како фактор за одвраќање

Но што доколку грабливецот наиде на противник на свое ниво? Што доколку види дека противникот располага со сила и волја да се одбрани? Во најмала рака, грабливецот ќе размисли дали вреди да започнува конфликт – со тоа веднаш шансите за судир се помали, за разлика од претходно кога едниот е во позиција на потчинет.

Понекогаш мирот се постигнува преку моќ. Преку покажување дека не вреди некој воопшто да започнува конфликт, бидејќи последиците по него ќе бидат подеднакви или уште потешки.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD