Патриотски приказни
Моравската мисија на Св. Кирил и Методиј
Бидејќи најчесто делото на Св. Кирил и Методиј се сведува само на создавањето на глаголицата, тука накратко ќе се изложи целосниот редослед на настаните од Моравската мисија.
Рани проповедници и покрстувањето (831)
Првите христијански проповедници помеѓу Словените во Велика Моравија пристигнале од диецезите во Источна Франкија, а во 831 год. било извршено покрстувањето на „сите Моравци“ и нивниот принц Мојмир I. Тој имал надеж дека со тоа ќе оддржи мир со Франките, но тоа не се случило. Наследникот на Мојмир, Растислав, сакал да го намали влијанието на франкиските свештеници преку создавање на посебна црковна администрација, па за таа цел во 861 год. побарал мисионери од папата во Рим – одговор не добил. Наредната 862 год. испратил барање и до византискиот цар Михаил III, да му испрати мисионери кои ќе го проповедаат христијанството на словенски јазик, а Цариград не можел да ја пропушти оваа прилика да го прошири своето влијание.
Задачата до Кирил и Методиј и создавањето на глаголицата
Мисијата билa доверенa на браќата Константин и Методиј. Тие за потребите на мисијата во манастирот Полихрон во Битинија ја создале глаголицата – првото словенско писмо. Пред заминувањето во В. Моравија започнале со преведување на евангелијата и на псалтирот од грчки на старословенскиот јазик говорен помеѓу македонските Словени од Солунско (иако можно е да започнале со таа дејност уште пред молбата на Растислав).
Пристигнување во Велика Моравија (863) и почетниот успех
Во 863 год. браќата со група ученици пристигнале во В. Моравија. Веднаш започнале да бележат успех поради тоа што се служеле со јазик разбирлив за населението. Била основана школа за образување на идни свештеници и државни чиновници. Народниот словенски јазик се употребувал не само во образованието, туку и во литургијата која се вршела според византиски обред. Се работело и на законик (прв словенски) кој се засновал на византиското право, но вклучувал и локално право.
Конфликт со германските свештеници
Успехот на мисијата довел до конфликт со тамошните франкиски/германски свештеници, претставници на западната латинска црква, кои инсистирале на употреба на латинската литургија и латински јазик. По обвинувањата за ерес, браќата лично заминале за Рим за да најдат решение.
Рим: признавање на словенската литургија (867/868) и смртта на Кирил (869)
Таму пристигнале во 867/8 год., носејќи ги на дар моштите на папата Климент I кои Константин претходно ги пронашол во Крим. Биле топло пречекани од папата Адријан II, кој ја прифатил употребата на новата словенска литургија. Дополнително, монахот Методиј бил ракоположен за свештеник лично од папата, а други пет ученици биле ракоположени од страна на епископи. Додека биле во Рим, Константин чувствувал дека му се ближи крајот – при крајот на 868 се замонашил (примајќи го името Кирил) и починал 50 денови подоцна, на 14 февруари 869. По смртта на Кирил, папата го ракоположил Методиј за архиепископ панонски со седиште во Срем.
Заробувањето на Методиј (870)
Покрај сето тоа, германските епископи и понатаму ги сметале Моравија и Панонија за земји под нивна надлежност. Во 870 год. Растислав бил заробен од својот внук Сватоплук и предаден на Франките, кои завладеале со В. Моравија. Тогаш и Методиј, враќајќи се од Рим како архиепископ, бил заробен и испратен во Регенсбург, Баварија. Таму од германски епископи бил обвинет дека незаконски работи на нивна територија, додека Методиј возвраќал дека бил овластен од папата да делува во териториите кои тие незаконски ги присвоиле од Светата Столица. Епископите го протерале Методиј во Швабија, каде што бил затворен во манастир.
Ослободување и потврда од Папата Јован VIII (873)
По некое време новиот папа Јован VIII открил за судбината на Методиј и по неговата остра реакција тој бил ослободен во 873 год, по две и пол години затвореништво. Папата го потврдил Методиј како архиепископ и испратил писма до три словенски кнезови – Сватоплук (В. Моравија), Коцел (Панонија) и Мутимир (Србија), прогласувајќи дека нивните земји спаѓаат под Методиевата „Панонска диецеза“. Употребата на словенски во литургијата била дозволена, но овој пат било наложено читањето на евангелијата и посланијата прво да биде на латински или грчки, а потоа повторено на словенски.
Враќање во Моравија и зајакнување на државата (873–874)
Методиј во 873 год. се вратил во Моравија како архиепископ. Меѓувремено, Сватоплук во 871 ја отфрлил франкиската окупација на В. Моравија и склучил мир со И. Франкија во 874 год., па тој период на враќањето на Методиј се поклопил со период на значително зајакнување и проширување на В. Моравија, а со тоа и на територијата под негов духовен авторитет.
Спорот за „filioque“ и потврдата со булата Industriae tuae (880)
Наспроти волјата на папата, проблемите со германските свештеници продолжиле. Тие повторно го обвиниле Методиј за ерес, овој пат за некористењето на изразот филиокве при рецитирањето на Симболот на верата. Методиј повторно бил повикан во Рим – таму во 880 год. пак ја одбранил својата позиција, воглавно поради тоа што филиоквето сè уште не било официјално прифатено во Рим. Папата ја потврдил неговата положба како архиепископ во Моравија и употребата на словенската литургија со папска була (Industriae tuae).
Последни години, преводи и смртта на Методиј (882–885)
Во 882 год. се упокоил папата Јован VIII. Губењето на овој сојузник ја разнишало позицијата на Методиј, кој најверојатно за стекнување на поддршка таа година патувал во Цариград на средба со царот, од кого добил одобрување за својата дејност. По враќањето во Моравија, околу 883 Методиј го извршил покрстувањето на Борживој I, кнез на Бохемија и основач на моќната династија Пшемисловци, што било значаен чекор во христијанизацијата на Бохемија. Пред својата смрт Методиј завршил со преводот на Стариот Завет и го назначил Горазд за свој наследник. Се упокоил на 6 април 885 год во Велеград.
После Методиј: забрана на словенската литургија и прогон (885–886)
По смртта на Методиј новиот папа Стефан V не го признал Горазд како архиепископ, туку црковната администрација во В. Моравија ја предал на епископот Вихинг, кој бил жесток противник на словенската богослужба и книжевност. Била издадена и папска була (Quia te zelo fidei) со која се забранила литургиската употреба на словенскиот јазик. Учениците на Св. Кирил и Методиј одбивале да служат латинска литургија, по што тие (околу 200 на број) биле затворени, а нивната школа распуштена. Во 886 биле протерани од В. Моравија, каде што преовладала латинската литургија.
Наследството: прибежиште во Бугарија и европско признание
Дел од протераните свое прибежиште нашле во Бугарија, каде што било сочувано и продолжено делото на светите браќа Св. Кирил и Методиј, кои покрај сите тешкотии се издигнале како столбови на словенската култура и идентитет и христијански рамноапостолни светци. Прогласени за созаштитници на Европа со Св. Бенедикт Нурсијски во 1980 год. од страна на првиот словенски папа – Јован Павле II, нивното дело денес е уважено и празнувано низ целиот словенски и христијански свет – источен и западен.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери