Идеологија, Историја

Нацијата – низ мислите на Крсте Петков Мисирков

Нација Мисирков

Македонските националисти најчесто користат странска литература и примери за надоградување на своите разбирања за идеолошки прашања и национализмот, воглавно поради недостаток на домашна идеолошка литература во тој поглед, но и поради непопуларноста на постоечкиот домашен материјал.

Се чини дека теоретските филозофски мисли на нашите интелектуалци од минатото не се толку интересни за народната маса, бидејќи најмногу се задржуваме на она што може да служи како аргумент при историските битки во докажување на македонската самобитност против соседите, запоставувајќи ги другите интелектуални мисли.

Таквата состојба, која е резултат на околностите во кои живееме, е одговорна за нашата идеолошка необразованост и „ура-патриотизмот“ кој преовладува.

Мисирков за народот и нацијата

Сепак, сме имале и ние интелектуалци кои се обидувале да ја поучат рајата за значењето на нацијата.

К. П. Мисирков во предговорот на „За македонските работи“ (1903) вака пишува за народ/нација:

„Секој човек, како член на некоја општина или некое другарство, има извесен долг и извесни права кон и од нив. Народот не е ништо друго, освен едно големо другарство, основано на крвно родство, на општ произлез, на општи интереси… Тоа е долгот кон народните интереси, за што членот од народноста добива заштита на своите лични интереси таму, каде што не се доста само неговите сили.“

Покрај дефиницијата за народ, Мисирков истакнува и зошто постои таква заедница меѓу луѓето: групирањето на ниво на народ не е само теоретска идеја, туку реална потреба на човекот.

Зошто луѓето се делат на народи

Може некој да се запраша: зошто ние луѓето да се делиме на народи?

Затоа што е многу посилна врската меѓу две личности поврзани со заедничко потекло, јазик, култура и морални вредности отколку меѓу две личности поврзани единствено преку припадноста на човечкиот вид.

И во секојдневниот живот ние ги претпочитаме оние со кои најмногу споделуваме заеднички работи.

Приоритетот на татковината

Во статија од март 1925 г., Мисирков (кој инаку споделувал одредени пансловенски сентименти) напишал:

„Нека ми биде простено, но јас, како Македонец, на прво место ги поставувам интересите на мојата татковина и моите сонародници и само потоа интересите на Бугарија и Југославија… Сакам и нас Македонците да нѐ прашаат за сите прашања што нѐ засегнуваат нас и нашите соседи, а не да се свршува сѐ само со спогодби помеѓу Бугарија и Србија за нас, но без нас.“

Со оваа мисла се надоврзува на претходната идеја: постојат одделни народи бидејќи секој најдобро си ги познава сопствените проблеми и интереси.

Доколку постоеше една влада и само еден народ на светот, решенијата за локалните проблеми би се носеле оддалеку, од луѓе кои не ги разбираат нашите услови – токму како денес, кога многу одлуки се донесуваат во Брисел, Вашингтон или Москва, според интересите на елитите, а не на народите што ги засегаат.

Ова е во склад со мислата на Кикерон, кој зборува за приоритетот на должностите: за Мисирков, прво е должноста кон Македонија, потоа кон соседите, и дури потоа кон пошироките словенски или човечки заедници.

Македонската свест и национализам

Во друга статија од истиот месец, Мисирков пишува:

„Свеста и чувството дека сум Македонец треба да стојат повисоко од сѐ друго на светов.“

А за македонскиот национализам додава:

„Беззаветната и безгранична љубов кон Македонија, постојаното мислење и работење за интересите на Македонија и полн конзерватизам во пројавите на македонскиот национален дух: јазикот, народната поезија, наравите, обичаите – ете ги главните црти на македонскиот национализам.“

Заклучок

Верноста кон своето е природна и морална потреба. Треба да сме верни на своите, бидејќи од заедништвото зависи нашата слобода во управувањето со земјата и животот.

Ако се откажеме од своето, одлуките за нас ќе ги носат други – луѓе кои не ги разбираат нашите потреби и интереси.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD