1945-1991, Историја

Вистината за „Крвавото Коледе“

Настаните на Скопското кале

На почетокот на 1945-та се уште се одвивале воени операции на територијата на Југославија. Југословенското раководство го сметало македонското прашање за решено – Македонците добиле своја држава во рамките на Југославија. Тоа сметало дека главните операции на југот биле завршени (освен пресметките со балистичките и четничките банди главно во планинските региони и села), па во декември 1944 година била дадена задача на Главниот штаб на НОВ и ПОМ да подготви корпус со две македонски дивизии кој треба да биде пратен на Сремскиот фронт да учествува во завршните операции за ослободување на Југославија. Ова значело насочување на македонските сили кон внатрешноста на Југославија во поддршка на југословенските народи, наместо продолжување на борбата за национално ослободување и обединување кон ДФМ на Македонците од Пиринска Македонија и Егејска Македонија (каде што бил активен голем број на македонски партизани), кои веќе имале свои делегати на Првото и Второто заседание на АСНОМ.

„Не на Срем – на Солун“: Побуната на Калето

На оваа одлука на 7 јануари 1945-та се побуниле дел од единиците од македонската војска (артилериските бригади) кои биле стационирани на Скопското кале. Оваа побуна е позната како Настаните на Скопското кале. Тие барале македонската војска да им помогне на Македонците од останатите делови на Македонија со паролата „Не на Срем – на Солун“. Истиот ден во касарната пристигнале генералот Апостолски, Темпо и Колишевски кои оддржале говори и ја смириле ситуацијата. Неколку дена подоцна, на 14 јануари дошло до побуна и на бригада од гарнизонот во Штип поради истите причини. Новата власт започнала пропагандна кампања против барањата на македонските војници, па тие биле оценети како непријателство спрема македонскиот народ. Од Белград дошла наредба за разоружување на демонстрантите и нивно праќање на присилна работа, како и да се спроведе истрага и организаторите на бунтовите да се изведат пред воен суд. Од 27 до 29 април 1945 година траел главниот судски претрес во врска со настаните. Пред воениот суд на скопската област биле изведени 39 лица, а 34 од нив биле прогласени за виновни. 12 лица биле осудени на смрт со стрелање, а другите на служење затворски казни. Воениот суд при штипската воена зона изрекол смртна казна за 6 лица. Со ваквата реакција на државните власти биле задушени изразите на недоволство кое владеело помеѓу македонските воени единици, а тие зеле учество во борбите на Сремскиот фронт.

Теророт на ОЗНА и пресметката со неистомислениците

Истиот тој Јануари новата државна власт превземала мерки за ликвидација на оние личности кои во текот на војната биле противници на НОД. Во тоа време поимот „соработник на окупаторот“ бил мошне флексибилен и биле опфатени повеќе категории на луѓе со различни улоги во предвоениот и воениот период. Таквото обвинување се искористило како алатка за пресметка со многумина кои имале поинакви политички погледи. Точната бројка на жртви во тој период не може да се одреди, но како најмасовни ликвидации се сметаат тие во Велес и Куманово каде што биле егзекутирани вкупно околу стотина лица без никаква истражна и судска постапка. Претседателот на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто, не бил информиран за ликвидациите, а не бил информиран и консултиран ниту повереникот за внатрешни работи Кирил Петрушев. Ликвидациите биле во надлежност на ОЗНА (Одделението за заштита на народот) која ја координирала работата со партиската, а не со државната власт, чиј претседател Ченто бил против масовните стрелања.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD