Втора светска војна, Идеологија, Историја, Политика

НОБ и македонскиот национализам

НОБ

Зошто јас, македонски националист, ја почитувам Народноослободителната борба?

Нема оправдување ако си комунист во 2022 г., затоа што до овој момент комунистичката идеологија била испробана многу пати, на многу места и се покажало дека решенијата кои таа ги нуди се погрешни. Комунизмот не греши само за економските односи, туку и општествените – денес тоа го знаеме повеќе од било кога.

Историски контекст на комунизмот во 1941 година

Но ако си бил комунист во 1941 г., тогаш оценувањето на твоето делување има друг пристап.
Тогаш светот знаел само за еден вистински пример на држава со комунистички идеи – СССР – но и тогаш не бил запознаен со подробностите на тој режим, бидејќи за некои работи требало да поминат децении пред тие да бидат обелоденети пред јавноста.

Односно, во текот на ВСВ комунистичката идеологија за најголемиот дел од светот (вклучително и Македонија) сѐ уште била во својата „тест“ фаза.
Од денешна перспектива да осудиш некој, особено обичниот селанец, граѓанин или младинец, за тоа што бил привлечен од неа (а треба да се признае дека во тогашното општество имало реални причини за појава на такви идеи) е некоректно.

НОБ како народна, а не идеолошка борба

Комунистичката организација во Македонија на почетокот на ВСВ не била масовна. Најголемиот дел од македонското население (тогаш сѐ уште доминантно рурално) немало реални сознанија за комунизмот.

Но кога партизанските чети започнале да се појавуваат по планините и да агитираат во селата тие не зборувале за интернационална работничка револуција и за економска теорија.

Да биле тоа нивните главни цели за преминување во илегално герилство и ризикување на своите животи, тогаш првите партизански одреди ќе се појавеле можеби уште во 1920-тите, но нивниот успех би бил дискутабилен.

Меѓутоа, во текот на ВСВ неколкуте одреди прераснале во регуларна војска, поддржана од народот, бидејќи основната идеја на борбата била нешто со кое народот можел да се идентификува – борба за национална слобода на македонскиот народ.

Во сите прогласи и повици на отпорот организиран од комунистичката партија во Македонија може да се чуе само за Македонија, македонски народ, борба за национални права, право на сопствена државност и сопствен јазик.

Борци, идеолози и националисти

Тоа не значи дека немало борци кои биле идеолошки образовани и искрено верувале во идеите на комунизмот, но повторно, тие размислувале според сознанијата и информациите кои им биле достапни во тоа време.

Од друга страна, во партизанските одреди и НОВМ имало и луѓе кои не биле членови на комунистичката партија и не биле комунисти – најголем пример е првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Ченто.

За нив, како и за апсолутното мнозинство, борбата била за Македонија и за национални права на измачениот македонски народ – самите сочувани документи од тој период сведочат за ова.

Националистички поглед кон НОБ

Тоа е борбата која јас ја вреднувам како македонски националист, а храброста и одлучноста на партизанските борци би ја почитувал и без тоа.

Се чини дека недоразбирањата и несогласувањата се поради тоа што некои не разбираат дека партизанското движење и НОБ се однесуваат специфично на ВСВ и периодот 1941-1945.

Кога велам дека ги почитувам и ги славам партизаните, мислам на борците кои крстареле по планините и долините, како што тоа некогаш го правеле четите на ВМРО, а не на Југославија и социјалистичка Македонија во периодот 1945-1991, кој е различен период, подолг и во кој веќе има етаблирана државност и заслужува посебен пристап.

Заклучок

Го славам НОБ поради националната борба, а не поради комунизмот, чии филозофски теории биле занемарени во текот на борбата.

Не постои ниту една совршена политичка опција или организација од минатото на македонскиот народ, со која некој би можел да се идентификува целосно, без никаква замерка. Доколку за некого има таква, тогаш самата таа личност има погрешни гледишта.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD