1945-1991, Втора светска војна, Историја

Зошто НОВ беше пресудна за македонската држава?

Македонија во Втората светска војна

ВМРО скоро половина век дејствувало да извојува политичка слобода на македонскиот народ, меѓутоа судбината одредила друго движење да биде тоа кое ќе ја донесе таа слобода. Станува збор за НОВ во Втората светска војна.

Македонија во новата Југословенска федерација

Пред 1941 г., во Југославија ние сме биле сметани за Срби – Јужносрбијанци. Факт е дека војната завршила со возобновување на Југославија, овој пат како федерација. Без разлика на состојбата во Македонија, тоа ќе се случело на еден или друг начин – В. Македонија повторно ќе се вратела во составот на Југославија. Тоа што зависело од самиот македонски народ е како тој би било претставен во таа нова Југославија? Српската интелигенција, па дури и помеѓу српските комунисти, се спротивставувала на признавањето на посебна македонска и црногорска нација, дури и во 1945 г. Доколку ние сме немале наши борци и претставници помеѓу победниците во Југославија, шансите се дека скоро сигурно би се вратила состојбата од пред 1941 г. – В. Македонија би била инкорпорирана во Југославија како дел од Србија. АСНОМ со прогласувањето на македонската држава го осуетило тој план. Дејството на НОВ покажало дека на овие простори постои народ различен од српскиот и дека тој сам ќе си ја одреди судбината. Влогот за влез во таа нова Југославија како посебен ентитет бил крваво платен од страна на македонскиот народ на Сремскиот фронт во 1945 г. – околу 2.000 Македонци никогаш не се вратиле од таму.

Борбата на Македонците во Егејскиот дел

Достојна за почит е и улогата на партизаните во Егејска Македонија – таму дури и десничарските чети од Охрана се придружиле на партизаните кон крајот на војната. Тамошните македонски партизани и комунисти биле единствените кои се бореле за заштита на македонското население и за неговите национални права во текот на Грчката граѓанска војна, во која Македонците земале масовно учество. Без оглед на идеологиите, нивната борба и жртва не смеат да се заборават, а нивните заслуги не можат да бидат избришани.

Реалноста на воените исходи и македонското прашање

Во денешниот десничарски табор можат да се најдат разни ставови и мислења за македонските комунисти во ВСВ. Некои жалат за пропаѓањето на планот за Независна Држава Македонија (поддржана од Германците) во 1944 г. Повторно, мора да се прифати дека без оглед на тоа дали повеќе Македонци ќе го поддржеле тој проект, без оглед на тоа дали во Македонија би преовладувало комунистичко или анти-комунистичко движење, македонистичко или про-бугарско чувство – факт е дека силите на Оската ќе ја загубеле војната независно од тие фактори. Не постои реална алтернативна историја во која населението во Македонија би влијаело врз исходот на војната. В. Македонија при секој исход повторно би се приклучила на Југославија, прашањето е: дали како одговор на македонското неучество во борбата против поразените таа би била вратена на Србија; или населението во Македонија би било бар признаено како посебно во посебна република?

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD