Патриотски приказни
Политичката поделба на леви и десни
Потеклото на поделбата лево-десно е од времето на Француската револуција, кога во француското Народно собрание поддржувачите на стариот поредок (на монархијата) седеле на десната страна, а поддржувачите на револуцијата (на републиката) на левата страна. Во наредните децении оваа поделба се раширила и низ остатокот од тогашна Европа, во која сè уште преовладувале монархии: воглавно левичарите се тие кои барале промени, односно радикали и револуционери, а десничари се тие кои биле против промени, односно конзервативци – од conservo („да се сочува“), традиционалисти – бидејќи биле за сочувување на стариот поредок.
Историски контекст на поделбата лево–десно
Значи, првобитно поделбата лево-десно била заснована на конкретните политички услови од времето на Фр. револуција, кои не важат денес. Денешната поделба е условна и постои за полесно распоредување на партиите во даден политички простор, но не е универзална одредница бидејќи левица и десница во една држава може да означува нешто различно во друга, а и во склоп на едно крило има различни идеи.
Лево–десно денес: значења, преклопувања и заблуди
Поделбата лево vs десно може да значи: регулација на економија vs слобода на економија; либерализам vs конзерватизам; радикализам vs традиционализам; комунизам vs капитализам; глобализам vs национализам итн. Воглавно, најблиску до центарот се либералите на лево, кои сакаат постепени промени во склоп на демократскиот систем, и конзервативците на десно, кои сакаат задржување на статус квото. Колку подлабоко се оди на едната или другата страна толку повеќе расте стремежот за поголема контрола. Доколку некој строго и безусловно се придржува до поделбата лево-десно за објаснување на сите политички појави, тогаш неминовно ќе дојде до заблуди. Левичар/десничар не мора да се согласува со сите идеи означени како левичарски/десничарски, а често идеите се преклопуваат.
На пример:
– Национализмот се смета за десничарска појава, но зависи од неговата дефиниција – има и лев национализам.
– Социјализмот се смета за левичарска појава, но има и национален социјализам (дури и национален болшевизам) кој левичарите го групираат со десните идеи поради националниот предзнак, додека десничарите го групираат со левите идеи поради неговата регулација на економијата, а самите националсоцијалисти се сметаат за алтернатива на двете крила.
– Левицата предничи со поддршката за ЛГБТ движењето, но има комунисти кои сметаат дека ЛГБТ е буржоаско одвраќање од класната борба (значајни комунистички историски фигури имале негативни ставови за хомосексуалците).
– Постојат конзервативци кои ја следат десничарската економска политика (капитализам), но поддржуваат ЛГБТ идеи.
– Либералите денес воглавно се поистоветуваат со левицата, но постојат десничари кои се идентификуваат како класични либерали (бидејќи во минатото либерализмот претставувал прилично различни идеи од денешните) или либертаријанци.
Оттаму, поделбата лево-десно може да биде начин за поедноставно групирање на идеи, но е грешно да се користи догматски.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери