Патриотски приказни
Зошто се распадна Југославија
Југославија не била вештачки растурена, ниту пак ја растурил национализмот.
Градење и развој на Југославија по Втората светска војна
Федеративна Југославија била градена по ВСВ од рушевините на кралството. Нејзините народи, обединети под бајракот на Народноослободителната борба и авторитетот на водачот Тито, ги оставиле настрана меѓусебните непријателства и свежите спомени од војната за заеднички да ја градат новата држава. Во Југославија, како и во останатите социјалистички земји, економијата во првите децении по ВСВ се засновала на масовна индустријализација која овозможила економски развој и модернизирање. Дополнително, Југославија ја искористила својата уникатна положба помеѓу двата главни политички блокови за соработка со двете страни, што исто така придонело за развојот.
Сепак, уште во времето на Тито започнале да се појавуваат знаци на внатрешна нестабилност. Авторитетот на маршалот ја држел состојбата под контрола, но федерацијата не била подготвена за смртта на Тито во 1980. Не постоела друга фигура со таков авторитет, а не помагало тоа што од 1970-тите економската структура веќе почнала да се покажува како несоодветна во глобализираната капиталистичка светска економија. Економскиот раст од 1983 г. преминал во негатива, а помеѓу 1979-85 г. југословенскиот динар скокнал од 15 до 1.370 во споредба со американскиот долар. Реалните приходи во 1985 биле половина од оние во 1980. Државата започнала со неконтролирано задолжување, за веќе во 1985 г. надворешниот долг да претставува 48.5% од БДП за таа година. Мерките за штедење, стагнирањето на платите, намалената потрошувачка и зголемената невработеност создале општо незадоволство. Особено тогаш се манифестирала внатрешната нееднаквост: во 1989 г. Словенците биле скоро девет пати побогати од Косоварите.
Причини за економска и политичка криза и појавата на национализам
Претходно споменатите стари непријателства помеѓу народите хибернирале додека се живеело добро и системот бил силен, но со почетокот на кризата интересот на федерацијата како цело бил заменет со интересите на поединечните републики, па дошло до конфликт на интереси помеѓу поуспешните републики и останатите.
Словенија и Хрватска, уште од самиот почеток со поразвиен економски капацитет од останатите југословенски републики, чувствувале дека ги носат останатите републики на својот грб – односно дека за федерацијата даваат премногу и го полнат сојузниот буџет, а добиваат премалку. Овие две републики се залагале за опсежни политички и економски реформи во насока на напуштање на социјалистичкиот систем и воведување на повеќепартиски систем, со поголема автономија на републиките. Наспроти нив, останатите републики на кои не им одговарал систем во кој ќе бидат оставени сами на себе имале интерес за задржување на единството.
Против децентрализацијата се истакнала Србија, која покрај економските причини имала и друга грижа: во Хрватска и БиХ имало значајно српско малцинство. Можен распад на федерацијата би оставило голем дел од српското население во други држави, што довело до оживување на сеќавањата за етничките чистења врз Србите од ВСВ и страв од нивно повторување. Таквата состојба довела до подем на српскиот национализам, а пак како реакција на тоа и на стремежот на Србија за посилна централизација и нејзино поголемо влијание во федерацијата се засилил и хрватскиот национализам, кој сакал да спречи повторување на српска хегемонија како од времето на кралството Југославија.
На крајот, се случило истото што низ историјата им се случувало на сите големи мултиетнички држави. Различностите можат да се занемаруваат додека системот функционира, но во време на криза, кога е директно загрозена благосостојбата и иднината на обичниот човек, започнуваат поделбите и секој си го гледа сопствениот интерес (поединечен и колективен со тие кои го споделува) бидејќи тоа е природната човечка реакција на нештата. Национализмот кој тогаш испливал на површината бил само еден симптом на нарушениот поредок и делувал како одбранбен механизам. Односно, економската криза ги открила проблемите кои веќе тлееле под површината и го вратила национализмот, а тој за возврат ја засилил кризата.
Дополнително, кризата не била создадена наменски однадвор, но таквите кризи овозможуваат внатрешната нестабилност да биде искористена или засилена од некој од надвор за негови цели.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери