Историја, Среден век

Самоиловото царство

Самоиловото царство

Цар Самоил е една од најзначајните личности на раниот среден век во Македонија и Балканот. Родоен е 958 година како еден од синовите на комесот Никола, кои подоцна ќе станат познати како комитопули. Во 969 година, Комитопулите ја искористиле тешката состојба на завојувана Бугарија и се осамостоиле во Југозападна Македонија, а подоцна и од византиската власт во 976 година. Четирите браќа кои владееле со оваа рана државна творба биле Давид, Мојсеј, Арон и Самоил. Давид и Мојсеј загинале кратко по преземањето на власта, а Арон бил ликвидиран од Самоил поради несогласувања и про-византиските ставови на Арон. Покрај Арон, биле ликвидирани и сите членови на неговото семејство освен неговиот син Јован Владислав.

Самоил како единствен владетел

Конечно, во 986 година, Самоил станал единствениот владетел на оваа држава. Неговото владеење било обележано од соперништвото со византискиот цар Василиј и константното војување на двете сили. Преку овие и други војни Самоил значително ги проширил границите на ова кралство кои во овој период ги вклучувале Тесалија, Епир, Албанија, Далмација, Босна, Србија, најголем дел од Бугарија и Македонија, но без Солун. Како поголема битка во овој период се издвојува битката кај Трајановата порта каде Византија доживеала страшен пораз. Дури и самиот цар Василиј II едвај спасил жива глава. Самоиловата држава прераснала во Царство по неговото крунисување кое се случило на крајот на X век, најверојатно во црквата св. Ахил во Мала Преспа.

Порази, пресврти и последните битки

Поразите на Самоил започнале кај реката Сперхеј, па потоа кај Видин, а подоцна и Скопје. Ова годишно ривалство продолжило, и Самоил не се откажувал. Десет години откако Василиј го освоил Скопје, Самоил решил да влезе во директне судир со византиската војска, на преминот меѓу планините Беласица и Огражден. Со изградба на дема и добро распоредена војска, Самоил се надевал на клучна победа во деценискиот конфликт. Сепак, се случило спротивното. Со помош на војсководците Вотанијат и Никифор Ксифија, Самоиловите војници биле заобиколени и нападнати од зад грб. Во крвавиот конфликт бил нанесен страшен пораз врз војската, а Гаврил Радомир и татко му Самоил успеале некако да се извлечат до Прилеп.

Крајот на Самоиловото царство и легендата за ослепената војска

Легендата гласи дека кога византиската војска победила, таа заробила околу 15.000 негови војници и ги ослепила по наредба на Василиј II. На секој стоти војник му било оставено по едно око за да може да ги води другите. Самоил, потресен од судбината на својата војска, починал неколку дена подоцна.