Патриотски приказни
Херојско Цапари: Пелистерска битка
15 километри западно од Битола во северното подножје на планината Баба/Пелистер се наоѓа селото Цапари, некогаш едно од најголемите села во Битолско. Ова село има истакнато место во илинденската епопеја.
Пелистерската битка и жртвата кај Палиснопје
Жителите на Цапари активно учествувале во ВМРО. Заедно со Ѓавато и Смилево, Цапари го претставувало јадрото на Илинденското востание во Битолско. Последната, најкрвава и најхеројска битка во која учествувале востаниците од Цапари била не толку познатата Пелистерска битка, на 22 септември 1903 г. Пред оваа битка се воделе и други битки во околината, по што востаниците од повеќе реони предводени од војводата Ацко Трајков се засолниле во селото. По задушувањето на востанието во Крушево, турски аскер се упатил кон Цапари. За да не настрада селото, војводата дал наредба четата да се искачи на планината. Кај месноста Палиснопје биле опколени. Таму, под Пелистер, десетина дена пред крајот на востанието, во херојска борба паднале 47 комити и војводата Ацко Трајков – од вкупно 92 востаници кои учествувале во битката. Останатите успеале да го пробијат обрачот и да се извлечат, но некои од нив биле фатени и измачувани по претресите во околните села.
Вечен спомен за илинденските јунаци
За време на востанието вкупно 96 востаници од Цапари го загубиле животот – најмногу од цела Македонија. Од списокот на загинати може да се види дека цели семејства од селото заминале во смрт борејќи се за слободата. Жители од селото учествувале и во Балканските војни во составот на Македонско-одринското ополчение, како и во партизанското движење. Ниту еден Македонец не може да остане рамнодушен пред херојската саможртва на овие јунаци, за која им благодариме и ветуваме дека ќе го помниме нивниот подвиг. Слава им на паднатите!
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери