ВМРО, Историја, Османлиски период, Среден век

Битките кај Герман и Арменско

Битките кај Герман и Арменско

Кај с. Герман во Леринско, каде што е пронајдена надгробната плоча на комитата Никола, жена му Рипсимија и синот Давид – поставена од царот Самоил, се случила една од најжестоките битки во Илинденското востание. За епопејата кај Герман дознаваме од записите на војводата Ангел Андреев.

Крвавата пресметка кај Штрковска Стена

Од долнопреспанските села пред востанието била формирана чета од околу 150 востаници под водство на војводата Петре Дамовски – Германчето. На почетокот на востанието Турците се повлекле од селото, кое било веднаш зафатено од четите на Никола Кокарев и Јован Кафеџијата. Заедно со четата на Ангел Андреев тие броеле 300 востаници. Во наредниот период турски аскер крстарел во околината. Герман бил нападнат два пати од турската војска, на 18 и 21 август 1903 г. и на двата пати нападот бил одбиен поради добрите одбранбени позиции на востаниците. Следниот пат војската се вратила, но овој пат со 6.000 војници (проценка на Андреев). Тогаш, битолската и германската чета кои биле засолнети меѓу Рудари и Герман биле нападнати кај месноста Штрковска Стена. Почнала голема битка во која паднале 45 души од битолската чета и 16 од германската – вкупно 61.

Артилериски оган и вечен спомен кај Бигла

На 28 август, кај месноста Бигла (близу с. Арменско), Турците повторно ги нападнале избеганите од битолската чета, а во битката употребиле и артилерија. Тука многу паднале, а меѓу нив и војводата Јован. По 3-4 дена, кога заминал аскерот, дошле Андреев и неговата чета. Со нив дошле и селаните од Бигла за да ги закопаат мртвите – кај Бигла на 1 септември биле закопани 24 души од битолската чета. Потоа во црквата била отслужена молитва за паднатите. По овие судири битолската и германската чета се растуриле.

Ние помниме! Лесна им земја и вечна им слава на паднатите Илинденци кај Герман и Бигла!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD