Втора светска војна, Историја

Кратката слобода во Западна Македонија 1943

слободна територија во Западна Македонија 1943

Во 1943 год. силите на Оската ја загубиле иницијативата и Сојузниците започнале да притискаат на сите фронтови. Таквите општи услови се одразиле и на народноослободителната војна во Македонија, која се разгорела во таа 1943 год.: тогаш била формирана КПМ, македонските партизански одреди започнале да прераснуваат во воени формации, а биле создадени и првите слободни територии.

Капитулацијата на Италија од 8 септември 1943 год. овозможила групирање на македонските одреди и баталјони на територијата на Западна Македонија, од која италијанските сили започнале со повлекување. На 9 септември од македонската Малесиска чета и албанскиот одред на Хаџи Леш бил ослободен Дебар, а на 11 септември Првиот кичевски и Вториот мавровски одред влегле во Кичево, каде што наредниот ден пристигнал и баталјонот „Мирче Ацев“. На тој начин била формирана првата слободна територија на македонскиот народ во ВСВ, од пл. Буковиќ (јужно од Гостивар) до теснецот кај с. Ботун (северно од Струга и Охрид) со два градови – Кичево и Дебар.

Создавањето на првата слободна територија

На тој простор била воспоставена воено-политичка власт, било запленето големо количество оружје и залихи од Италијанците и биле мобилизирани нови борци. Во с. Подвис во Кичевско било отворено првото училиште на македонски јазик (23.09.1943), а се оддржал и свештенички собор (21.10.1943) и се регулирала непречена црковна дејност на македонски јазик. Истовремено со политичките напори да се обезбедат неопходните услови за непречен живот на слободната територија, се кроела и одбранбена стратегија во исчекување на германскиот и балистички напад.

Во борбата за одбрана на Кичево бил даден херојски отпор против балистите кај Буковиќ (01.10), во која загинала целата младинска чета на Мирко Милески, а наредниот ден (02.10) било загубено Кичево. До 9 октомври продолжиле борби во околината на градот, од кои најтешка била таа кај Кленоец (06.10), а балистички-германски напад од Струга кон Дебрца бил спречен кај Ботун (14.10).

По овие борби Првата и Втората група баталјони се подготвила за повторно ослободување на Кичево: вечерта на 31 октомври бил извршен напад врз градот, а наредниот ден (01.11) бил ослободен со ликвидација на германскиот гарнизон. Од 5 ноември следувал нов напад на германските и балистички сили од Тетово и Гостивар: градот Кичево повторно бил загубен, а борби се воделе до 9 ноември на југ до Подвис и Кленоец. Истовремено започнала и борбата за Дебар – по жесток повеќедневен отпор на Дебарскиот баталјон градот бил загубен на 17 ноември.

Од херојска одбрана до повлекување

По второто губење на Кичево, македонските сили се повлекле во реонот на с. Сливово во Дебрца, каде што четири баталјони се реорганизирале преку формирање на Првата македонско-косовска ударна бригада со 700-800 борци – Македонци, Срби, Албанци и др. Бригадата продолжила со одбрана на територијата, но по губењето на Кичево и Дебар, како и напредувањето на германските и балистички сили, Главниот штаб донел одлука за повлекување од регионот: на 5 декември 1943 год. бригадата преку Галичник се упатила кон Егејска Македонија. Така настапил крајот на слободната територија во Западна Македонија. Одлуката за нејзино напуштање била тешка, но македонските сили верувале во повторното враќање и создавање на нови слободни територии.

На слободната територија барем за краток период престанале тортурата и асимилацијата вршени врз Македонците – дејноста на македонските воени единици била позитивна и заштитничка во однос на македонското население, кое претходно било оставено на милост и немилост на албанските банди.

Од друга страна, бидејќи од историјата треба да учиме, мора да се спомне и еден пропуст на тогашното македонско воено и политичко водство. Заслепени од мотото за братство и единство и интернационалистичката идеолошка определба, македонските сили непотребно се изложувале на опасност. Прво, на 25 август 1943 год. потпишале договор со балистите за заедничка борба против окупаторот врз основа на истиот таков договор постигнат помеѓу балистите и албанските партизани, но договорот никогаш не проработел. Се вложувал труд за привлекување на Албанците кон заедничката борба, па поради тоа цели албански банди кои претходно вршеле терор врз Македонците преминале на страната на партизанските сили кога била воспоставена слободната територија, но нивната верност траела додека имале потреба од оддржување добри односи со партизаните и повторно ја смениле страната со доаѓањето на Германците.

Во повеќе од еден наврат во борбите за одбрана на територијата, Албанци ги предале македонските сили и биле одговорни за големи загуби. Второто заземање на Кичево од непријателот започнало со акција на Албанци во партизански униформи во самиот град, а во битката кај Кленоец доброволна албанска партизанска чета ги нападнала македонските партизани од зад грб и потоа учествувала во масакрот на 50-тина македонски цивили во селото.

Самиот Михајло Апостолски во своите белешки запишал: „Во борбите на Буковиќ и Кичево великоалбанските елементи кои ни беа пристапиле и ние ги бевме примиле како браќа, изневерија и обрнаа го своето оружје против своите другари“.

Цената на присиленото братство, кон кое едната страна се стреми многу повеќе од другата, била голема. Кога следен пат ќе ги слушнете нашите политичари како говорат за заедничката борба која ги поврзувала нашите народи, сетете се на овој пример. Почит за оние Албанци кои чесно се бореле во исти редови со македонските партизани, но гардот секогаш треба да биде подигнат, секогаш во одбрана на своето пред туѓото, без слепа верба во политички флоскули и фантазии, бидејќи последиците можат да бидат огромни.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD