Патриотски приказни
Македонската крв на Сремскиот фронт
“Farewell mother, farewell father, I am going far away.
Syrmian front, 1945″
Македонските партизани во текот на Втората светска војна во Македонија не учествувале во големи битки со повлечени фронтални линии против бугарските, германските, италијанските трупи или албанските балистички банди. Со самото тоа, во Македонија немаше големи воени акции, непријателства, разурнувања и жртви во споредба со останатите земји на Југославија. За разлика од Србија, Хрватска и Босна каде што се водеа симултана борба против окупаторот и крвава граѓанска војна со милион загубени животи, Вардарска Македонија беше релативно помирно подрачје, а Македонците (од Вардарска Македонија) имаа најмала стапка на загубени животи во војната во Југославија во споредба со сите други мнозински и малцински националности. Меѓутоа, македонските партизански одреди ќе дадат свој влог во борбата против силите на Оската во војната, и тоа по завршувањето на војната на територијата на Македонија.
„На Берлин“ наместо „На Солун“
Во декември 1944 година Главниот штаб на НОВ (Народноослободителната војска) и ПОМ (Партизанските одреди на Македонија) добива задача да подготви еден корпус со две дивизии во состав на Првата армија на НОВЈ (Народноослободителната војска на Југославија) на Сремскиот Фронт, отворен од октомври 1944 година на териториите на Србија, Хрватска и Босна. Покрај бунтовите на дел од македонската војска во Скопје и Штип во јануари 1945 година, кои ја истакнуваат паролата „Не на Срем, на Солун“, организиран е Петнаесеттиот македонски ударен корпус, кој на 10 јануари 1945 година добива наредба за префрлање на Сремскиот фронт со паролата „На Берлин“.
Опремување и транспорт на борците
На фронтот во состав на 15-от македонски корпус биле префрлени помеѓу 24-25,000 македонски војници, а транспортот бил извршен помеѓу 10 и 16 јануари 1945 година, додека артилериската бригада пристигнала подоцна поради обука – на 1 и 2 март. До средината на март пристигнало ново оружје и опрема од советската армија што ја зголемила борбената ефективност, па така корпусот располагал со над 100 артилериски и минофрлачки орудија.
Крвавите битки и билансот на жртвите
15-от македонски корпус во составот на југословенската војска ќе војува до пробивот на Сремскиот фронт на 12 април 1945 година, но и после него – корпусот ќе продолжи со борбените акции до самиот крај на војната во мај, а ќе пристигне до крајните северозападни граници на Југославија во Словенија. На Сремскиот фронт корпусот имал голема улога во ослободувањето на Посавина, каде што водел тешки борби. На неколку места, корпусот се соочил со големи човечки загуби: на 15 април 1945 година, во Будровац, во близината на Ѓаково, погинале 210 партизани, а потоа во борбата кај Врполе корпусот имал уште поголеми загуби, т.е. погинале 1.000 партизани. Загубите на 15-от македонски корпус на Сремскиот фронт изнесувале приближно 1674 загинати, 378 исчезнати и 3400 ранети. Имајќи во предвид дека според пресметките на историчарите во текот на Втората светска војна во Македонија биле загубени околу 20,000 животи (од кои 7,000 Македонци), кога ќе се споредат бројките на загинатите и исчезнатите на Сремскиот фронт може да се заклучи дека 1/10 од жртвите од Македонија во текот на војната биле дадени само во последните борби од војната, и тоа надвор од Македонија. Доколку се земат во предвид само животите на Македонците – околу 25% од сите жртви во војната биле дадени во битките на фронтот. Со своето учество во борбата за ослободување на Југославија, македонскиот народ покажал на дело дека не бара да му се поклонат слобода и признавање, туку дека самиот ќе се бори за нив.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери