ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Судски процес против ВМРО Обединета 1936

судски процес против ВМРО Обединета 1936

Помеѓу 8-21 јули 1936 год. се одвивал судски процес против 19 дејци на ВМРО Обединета во Софија, на кој обвинетите ги претставиле идеите на организацијата.

Провали и апсења пред процесот

На процесот му претходела провала на организацијата на ВМРО Об. во Горна Џумаја во март 1935 год.; На 1 август истата год. активисти закачувале знамиња на јавни објекти во Неврокопско, за потоа тие да бидат уапсени, а апсењата се прошириле и ја засегнале целата организација во Неврокопско; На 15 август била извршена и провала на организацијата во Софија, а полицијата запленила и материјал од печатницата „Симеон Кавракиров“.

Против уапсените било подигнато службено дело врз основ на Законот за заштита на државата со цел да се изјасни карактерот на организацијата, бидејќи обвинението било дека таа е подредена на нелегалната БКП (Бугарска комунистичка партија) која се залага за насилна промена на државното уредување, како и дека според идеологијата на организацијата Македонците не биле Бугари, туку самостојна нација.

Од 19 обвинети, на 4 им се судело во отсуство (истакнатите лица Д. Влахов, М. Шарлов, В. Ивановски и В. Поп Томов). Од оние 15 кои биле во судницата само еден бил родум од Бугарија – 9 се изјасниле како Македонци, а 5 како Бугари. Од тие кои се изјасниле како Бугари, еден бил бивш член (и бил ослободен), тројца одрекувале учество во организацијата, а петтиот бил ослободен.

Идентификација и пресуди

Обвинетите дејци го истакнувале националноослободителниот карактер на ВМРО Об. и одрекувале дека таа е класна, а дека врските со БКП се тактички. Обвинетиот А. Черакчиев не криел дека е комунист, но ги одрекувал врските помеѓу ВМРО Об. и БКП. Говорел за неопходното одделување на Пиринска Македонија од Бугарија и за постоењето на македонска нација, тврдејќи дека изјаснувањето како Бугари ја попречува борбата во соседните држави.

Како сведоци на одбраната се појавиле некои емигрантски дејци и протогеровисти. На 21 јули судот објавил дека организацијата е противдржавна и прокомунистичка и дека сака насилно да го наруши државниот поредок и територијалната целост на Бугарија. Влахов и Поптомов во отсуство биле осудени на 12.5 год. затвор, тројца биле ослободени, а останатите на 5 год. затвор.

По процесот активноста на ВМРО Об. како организација замрела, а нејзините активисти постепено се влеале во редовите на комунистичката партија во Бугарија, Југославија и Грција.

На овој судски процес за прв пат на официјални јавни документи во Бугарија се забележува националната идентификација Македонец. Подоцна некои од обвинетите кои се декларирале како Бугари прифатиле македонистички гледишта и ја поддржувале македонската национална самобитност, додека други кои се декларирале како Македонци по војната и заострувањето на односите помеѓу Тито и Коминтерната се одрекле од македонскиот национализам. Општо оние дејци на ВМРО Об. кои по војната останале во Бугарија со тек на времето ги прифатиле антимакедонските ставови, додека оние кои останале во НР Македонија ги задржале или прифатиле македонистичките ставови.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD