Патриотски приказни
Сведоштва од охридско-дебарското востание
Како дополнување на претходната објава за Охридско-дебарското востание од 1913 год., тука ќе бидат приложени некои сведоштва за тој настан.
Причините за востанието според Петар Чаулев
Во интервју со Крсто Станчев во ослободениот Охрид, главниот водач на востанието Петар Чаулев го кажал следново за причините за востанието: „За востанието не сме виновни ние, колку српските предизвикувачки дејствија, кои едноставно беа неиздржливи. На 1 септември народот очекуваше да се отворат училишта, но видовме дека тие веќе не се наши. Црквите опустеа зашто никој не сакаше да влезе во нив кога ќе чуеше дека внатре има српски поп, а посебно не сакаа да чујат за владиката Варнава. Кога се случи анексијата, Србите ги разурнаа сите џамии. Трговијата сосема опусте. Нашиот селанец порано купуваше ока сол за еден грош, сега треба да даде шест гроша. За нецела година народот оголе. Нема работа тука, но никого не пуштаат да оди во странство. Неколку србомани во градот се сѐ и сешто. Казните и тепањето станаа сосема вообичаена работа. Честа и животите на луѓето се во рацете на тие луѓе“.
Претходно, во слободниот Дебар, Крсто Станчев за својот весник „Камбана“ запишал: „Дебар ликуваше. Македонското знаме се вееше на секој прозорец. Двесте-триста заробени српски војници тивко, без да ги вознемирува некој минуваа низ градот. Други ги собираа убиените и ранетите. Еден српски офицер беше најден ранет со седум куршуми. Народот весело и гордо се движеше по улиците и секој трчаше по ќошињата да најде некој убиен војник и да му го собере оружјето. Незаузданиот Албанец и планинец сега изгледаше подисциплинирано, но не помалку воинствено. Никакви грабежи, кражби и насилства не се случија“.
Од ослободување до повторна окупација
За повторното српско освојување на Дебар, Крсто Станчев запишал: „Србите почнаа да го бомбардираат Дебар. Една граната падна во чаршијата пред џамијата, а две во близина на касарната. Тоа предизвика целиот народ од Дебар гол и бос да бега кон албанската граница. Уште поголем ужас го зафати населението утрото кога виде како горат Могорче, Кусоврасти, Броштица, Кривци, Селокуки, Клабуштица, Баново, Клене, Борово, Себишта, Горенци, Забзун, Стеблево, Требишта и многу други села. Притоа, Србите не само што ги запалиле селата, туку и заклале сѐ живо што нашле. Жените и децата ги фрлиле во оган, а мажите во групи ги ределе и ги убивале со митролези. По заземањето на Дебар, Србите ги ограбиле сите негови скапоцености“.
Милан Матов, уште еден од водачите на востанието, запишал: „Четниците се одмораа, а јас напишав еден повик до населението на реонот со што го поканив да се крене на оружје и да се присоедини кон нашиот одред. Се собраа повеќе од 200 луѓе, макар лошо вооружени. Благајникот на четата, Абдула, го извади од ранецот албанското знаме, црвена боја со црн орел и го закачи на еден стап на кој имаше и цвеќе. Кога се приближивме кон Сруга го посоветував да стави една полумесечина од жолта тенеќија, бидејќи голем дел од населението ја немаше заборавено турската власт и не е навикнат на албанскиот орел. Кога минавме крај селото Враништа, кое беше христијанско, кон нас се приклучија многумина од месното население. Луѓето почнаа да ме прашуваат што сме ја развеале таа црна кокошка, мислејќи на албанскиот орел и нели е подобро наместо неа да го развееме црвениот лав? Јас се свртев и погледнав: освен старите другари, во одредот сите други беа луѓе кои порано ме гонеле во потера, но сега ситуацијата налагаше заедно да се бориме против поробувачот“.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери