2001, Историја, Независна Македонија

Битката за Тетово: Како започна ескалацијата во 2001?

Тетовското кале 2001

На овој ден пред, точно 20 години, Тетовското кале било заземено од албански терористички групации – настан со кој ескалирал конфликтот во 2001-та година.

Стратешката важност на Шарпланинскиот појас

Кон средината на март терористички групации започнале да се појавуваат на падините на Шар Планина над градот Тетово, а битката за градот започнала кога тие отвориле оган од Тетовското кале (на 14 март) врз позиции на македонската полиција во градот. Покрај тврдината од која имале преглед на целиот град, албанските терористи ги контролирале и селата северно и западно од Тетово, кои нуделе одлични одбранбени позиции со оглед на својата местоположба – во тој регион имало околу 200 вооружени терористи. Нивната цел била заземање на градот – доколку го стореле тоа, тие би се стекнале со огромна предност при преговори со македонските власти и би можеле да ги уценуваат.

Одговор на државата и операцијата „МХ“

Македонските власти, пак, дотогаш биле неодлучни и се обидувале да ја минимизираат кризата, но по загрозувањето на Тетово започнале да се преземаат поодлучни мерки. Во наредните денови биле активирани и армиските сили, а започнале и подготовки за елиминирање на албанските терористи во околината на Тетово – таканаречената операција „МХ“ која настапила на 25 март.

Косовската граница и улогата на меѓународниот фактор

Пред овој настан, албанските терористички групи оперирале близу косовската граница. Границата била првото жариште со оглед на тоа што терористичките групи биле уфрлувани на македонска територија од територијата на Косово, кој тогаш претставувал протекторат под администрација на Обединетите нации, чија безбедност и интегритет биле под воена надлежност на КФОР (организиран од НАТО). Се уште постојат полемики околу тогашните настани, меѓутоа факт е дека територијалниот интегритет на Република Македонија бил загрозен од страна на вооружени групации кои дошле однадвор, од територијата на друга земја – со други зборови: надворешна агресија. Според тоа, НАТО и ОН се директни виновници за потфрлувањето во обезбедувањето на територијата под нивна надлежност, или пак за поддржување на терористичките групации кои во текот на целиот конфликт слободно ја преминувале косовско-македонската граница.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD