ВМРО, Втора светска војна, Историја, Османлиски период

Масакр и востание во Тиквешко – два настани за кои не се зборува еднакво

Тиквешко Востание Ваташа

Секоја година на 15 и 16 јуни се одбележуваат два настани од македонската историја со 30 години разлика помеѓу нив: Тиквешкото востание во 1913 год. и масакрот кај Ваташа во 1943 год. Тука има одредена контроверзија, како и кај скоро сѐ друго поврзано со македонската историја.

Контроверзии и различни комеморации

Македонистите традиционално и свечено го одбележуваат трагичниот настан во кој биле застрелани 12 младинци од Ваташа, поддржувачи на партизанскиот отпор во ВСВ, од страна на бугарската армија. Бугароманите и бугарофилите го игнорираат масакрот или едноставно не му даваат значење бидејќи жртвите биле комунисти, а го истакнуваат и слават поменот на Тиквешкото востание против српскиот окупатор. Од друга страна, се чини дека мнозинството од македонистите или не се запознаени со Тиквешкото востание, или се држат воздржано кон неговиот помен од две причини: поради големото значење кое го има денес помеѓу бугароманите и поради оддржување на „братски“ односи со Србите.

Дисбаланс во вниманието

Навистина, чудно е како убиството на 12 души од Ваташа во 1943 год. има многу поголемо значење и внимание од убиството на 600 души од Тиквешко во 1913 год., меѓу кои 40 од истата таа Ваташа. Но и не е така чудно: од основањето на македонската држава во 1944 год. масакрот врз младинците од Ваташа е еден од централните настани од народноослободителната борба на македонскиот народ, уште повеќе поради тоа што е поврзан со бугарската окупација; додека Тиквешкото востание – многу поголем, позначаен и покрвав настан – во истиот период било маргинализирано во име на добрососедските односи со Србија, со која сме биле дел од иста федерација, а таа маргинализација продолжува и денес бидејќи нашата историографија скоро целосно ги има задржано старите наративи.

Прашања за сеќавањето

Зарем 40-те убиени од Ваташа во 1913 се помалку значајни од 12-те убиени во 1943? Од друга страна, зар 12-те убиени во 1943 треба да бидат заборавени поради нивната прокомунистичка определба, покрај тоа што главната замисла им била слободна Македонија на македонскиот народ?

Двата настани како дел од истата историја

Двата настани си имаат свое значење и двата настани се дел од нашата трагична историја. Не може поинаку освен достојно одбележување на жртвата и борбата на Македонците од секоја епоха на нашата историја.

Последици од „ексклузивниот“ пристап

Игнорирањето на едниот настан во “корист“ на другиот всушност не прави никаква корист: бугароманите со нивното игнорирање или непочитување на жртвата на 12-те од Ваташа само го засилуваат нивниот помен кај Македонците кои таа жртва ја гледаат како пркос против великобугарските идеи, додека игнорирањето на Тиквешкото востание и српскиот терор во Тиквешијата и нивното маргинализирање во однос на масакрот кај Ваташа води до антимакедонистички сентимент кај одредени Македонци, кои разочарани од таквиот однос од македонистите започнуваат да се приближуваат кон бугарскиот табор каде што Тиквешкото востание добива поголемо внимание. Во кратки црти – и едните и другите со својот „ексклузивен“ однос кон еден од двата настани култивираат непријателски сентимент и одбивност кон истиот настан кој тие ексклузивно го глорифицираат.

Повик за прекин на поделбите

Време е да се престане со таа историска подвоеност и инает, да се престане со култивирање на поделби и омраза помеѓу Македонците во денешницата и да се започне со почитување на борбата и жртвата на сите Македонци кои загинале во името на Македонија – само на тој начин ќе се дојде до позитивен исход.

Завршна почит

Слава им на борците на ВМРО и загинатите Тиквешани за време на Тиквешкото востание и слава им на загинатите младинци од Ваташа – сите загинати за идеалот за слободна Македонија!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *