Патриотски приказни
Зошто висок наталитет надвор од Западот?
Во изминатите години глобалната стапка на пораст на население се намалува – не само во Западот, туку општо низ целиот свет. Сепак, и покрај стагнирањето или минимално намалување на наталитетот, во најголемиот дел од Африка и Блискиот Исток населението се зголемува за двојно или тројно повеќе по генерација.
За едно население успешно да се оддржи, потребно е да се раѓаат во просек по 2.1 деца од жена – две кои ќе ги заменат своите двајца родители и тој 0.1% за да се надоместат загинатите од неприродни причини. Па на пр., ако просечно една жена раѓа 1.3 деца во Италија (една од најлошите стапки во Европа), 1.4 во Македонија, 1.5 во Германија, 1.7 во Чешка, стапката во Египет е 2.8, Пакистан 3.3, Ирак и Палестина 3.4, а во Конго 4.0, Нигерија 5.1, Сомалија 6.1 и Нигер е светскиот првенец: просечно по 6.7 деца од жена.
Парадоксот на сиромашните земји
Збунувачки за многу, државите со голем пораст на население се вообичаено посиромашни, попримитивни, често во војна, со нефункционални и екстремно корумпирани државни органи. Зошто тогаш имаат толку висок наталитет?
Историска паралела со Европа
Може да се направи споредба со европските држави во минатото, кои во 19 век вообичаено имале стапка на плодност помеѓу 4.0 и 6.0, а таа започнала да се намалува во 20 век со урбанизацијата, поголемите плати, достапот до контрацепција и образованието.
Урбанизацијата како клучен фактор
Во Нигер околу 17% од населението живее во градови, во Чад (втор во свет по плодност) 24%, а просечниот процент на урбанизација на Африка е околу 47% (во ЕУ е 83%). Во Африка и општо во посиромашните краишта сè уште важат руралните правила: повеќе деца – поголема работна рака, поголема сигурност за семејството и осигурана грижа за родителите во нивната старост.
Медицински и социјални услови
Во тие земји нема голем достап до секојдневна медицинска нега и има висока смртност кај децата, па затоа се раѓаат повеќе деца за при трагичен случај да има други кои ќе живеат – тоа помага на ниво на семејство, но е товар на државно ниво, бидејќи значи напор за обезбедување на живеалиште и работа на повеќе жители.
Бидејќи тамошниот животен стандард е низок, населението е навикнато на помалку — понекогаш само толку колку што е потребно да се преживее, па не се размислува многу за тоа дали децата ќе имаат пристоен живот.
Недостиг на образование и женска еманципација
Во тие краишта луѓето, а особено жените, имаат помал достап до образование. Семејствата кога можат вложуваат повеќе во образованието и развојот на машките деца бидејќи се очекува тие „да го носат лебот“, а жените најчесто немаат шанса за професионална кариера или друг избор освен мајчинство и грижа за домот, често од рана возраст токму поради наведените причини.
Бидејќи се растени и воспитувани во таква средина и немаат достап до образование, многу од нив воопшто не се ни обидуваат да го оспорат таквиот начин на живот. Отсуството на средства за контрацепција исто така ја зголемува тамошната плодност.
Заклучок
Краткиот заклучок е дека за високиот пораст на населението во сиромашните земји се одговорни слабата урбанизација, слабото образование, неможноста за професионален развој на жените, недостапноста на контрацепција, слаби медицински услови и висока смртност кај децата која историски секогаш е поврзана и со голема стапка на раѓање.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери