ВМРО, Историја, Меѓувоен период

ВМРО 1919-1924: Возобновување и борба за слобода

ВМРО 1919-1924

По Илинденското востание дошло до поделба во Македонската револуционерна организација, чиј раскол кулминирал во 1908 година. За време на Првата светска војна, организацијата привремено престанала да постои. До возобновувањето на Организацијата дошло на 20 декември 1919 година во Софија, под името ВМРО, од страна на последниот ЦК формиран во 1911 година. ВМРО успеало да ја придобие поддршката од македонската емиграција во Бугарија и во периодот 1919-1924 година Тодор Александров се истакнал како главен водач на револуционерната борба.

Терор и асимилација во поделена Македонија

По ПСВ, се востановила политика на терор и асимилација во Вардарска и Егејска Македонија. Во тие региони на населението му била забранета политичка дејност, започнала колонизација, името Македонија било исфрлено од употреба, мајчиниот јазик бил забранет, а започнала и промена на топографските и личните имиња. Во Вардарска Македонија уште во 1913 биле задушени Тиквешкото и Охридското востание против српскиот окупатор, во кои животите ги загубиле над илјада Македонци, а десетици илјади биле протерани.

Револуционерна дејност и судир со бугарската влада

Обновеното ВМРО веднаш започнало со воспоставување на старите канали и врски, а Пиринска Македонија ја претворило во своја база. Во 1920 година започнале да преминуваат и првите чети во вардарскиот дел, а до крајот на годината во најголем дел ја возобновила својата дејност источно од реката Вардар, додека во западниот дел била послабо развиена. Во егејскиот дел се избегнувало масовно организирање за да се избегнат репресиите врз населението, а дејноста била насочена кон охрабрување на македонското население да остане во своите краишта. ВМРО дошло во судир и со бугарската влада на Стамболиски, кој се обидувал да ги подобри односите со Србија.

Вардарска Македонија била држена во постојана воена состојба – замислете го конфликтот од 2001 година, но во траење од 15 години. Само четата на кумановскиот војвода Крсто Лазаров учествувала во 47 битки во својата околија.

Во 1924 година ВМРО дефинитивно ја прифатило идејата за независна Македонија (Мајскиот манифест), но истата година легедарниот водач Александров бил убиен. Во периодот кој следувал ВМРО претрпело повеќе промени.

Мистеријата околу убиството на Тодор Александров

Дополнително:

Убиството на Тодор Александров до ден денес е обвиткано во мистерија. За негово отстранување биле заинтересирани многумина. Денес во шпекулациите главно преовладува теоријата дека зад убиството стои Ванчо Михајлов – теза која е најмалку веројатна и за која никогаш не се појавиле некакви докази или цврсти аргументи. Другите теории се најверојатно поблиски до вистината. Коминтерната во ликот на Александров гледала основна пречка за издигнувањето на нова, лева ориентација во ВМРО. Владата на Цанков (која ја презела власта со пуч во 1923 година) стравувала од силата и самостојноста на ВМРО, особено по обелоденувањето на преговорите помеѓу Александров и Москва. За отстранување на Александров бил заинтересиран и петричкиот „паша“ Алеко Василев, кој не ги криел своите амбиции кон највисокото раководство на ВМРО. Историски факт е дека непосреден организатор на убиството бил токму тој – двајцата убијци биле негови блиски луѓе (Штерју Влахов и Динчо Вретенаров). Алеко во претходниот период бил во лоши односи со Александров. За краток временски период успеал да натрупа милиони левови на своите конта за сметка на угледот на Организацијата, па се плашел дека на претстојниот Окружен конгрес би можел да ја загуби својата висока позиција во хиерархијата на ВМРО, а можеби и својот живот. Факт е и тоа дека Алеко имал неколку средби со членови на БКП (Бугарската Комунистичка Партија), па можно е да дошло до координација на двете заинтересирани страни.

Статистика на отпорот: Битки, жртви и подвизи

Неколку податоци сведочат за жестокоста на четничката борба на обновеното ВМРО. За време на кулминацијата на борбите во 1923 и 1924 година, според статистиките на ВМРО во Вардарска Македонија оперирале 53 чети со околу 3245 комити, 79 војводи, 54 пониски команданти, 41 секретари и 193 курири. Биле документирани 119 битки и 73 терористички акции. Српските жртви биле 304 жандарми, војници и паравоени борци, со повеќе од 1300 повредени. ВМРО загубило 68 војводи и комити, стотици биле повредени. Во Егејска Македонија биле активни 24 чети и 10 извиднички одреди. Четите вкупно броеле околу 380 комити, 18 војводи, 22 пониски команданти, 11 секретари и 25 курири. Биле документирани 42 битки и 27 терористички акции. Грчките загуби биле 83 армиски офицери, војници и паравоени борци, над 230 повредени. ВМРО загубило 22 војводи и комити, 48 биле повредени.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD