Патриотски приказни
ВМРО 1925-1934: Ера на атентати и внатрешни војни
Смртта на Александров пред ВМРО поставила редица проблеми, кои требало да бидат решени. За таа цел во февруари 1925 година бил свикан Шестиот конгрес на ВМРО. Од новиот ЦК најмногу ќе се истакне младиот Иван Михајлов. Во овој период ВМРО ќе го промени начинот на водење на револуционерното дело, заменувајќи ја четничката со терористичка борба.
Уште во септември 1924 година од страна на Михајлов (дотогашен секретар на Александров) и други дејци биле организирани Горноџумајските атентати врз левицата во ВМРО како одговор на убиството на Александров. На 12 септември започнале атентати кои траеле и следните денови – биле убиени околу 35 души, меѓу кои и Алеко Василев (организатор на убиството на Александров). Борбата со левицата која траела и за времето на Александров продолжила и во наредниот период.
Промена на тактиката: Од чети кон терористички „тројки“
Од 1925 година Михајлов издал нови упатства и правила за четите, со цел да се засили дисциплината и да се намалат до минимум репресиите врз мирното население. Се забранувало без знаење на ЦК да се привлекуваат нови членови и четите да вршат акции. Сите војводи и четници додека не се во акција требало да се облекуваат како цивили и да не носат оружје. Од февруари четите започнале да се реформираат и да дејствуваат во „тројки“ или „петорки“. Наскоро овој вид на дејствување целосно ќе ги замени четничките акции, па така атентатите и терористичките напади ќе станат примарно средство на ВМРО. Биле извршени стотици атентати низ цела Европа. Истовремено, во Пиринска Македонија (која претставувала држава во држава) околиските чети биле опремени со воени униформи и оружје – еден вид на македонска армија.
Братоубиствени војни и падот на Организацијата
Со ваквите промени не се согласувал Протогеров, кој претпочитал четничка борба. Ова и други причини довеле до судир со Михајлов, кој кулминирал во 1928 со убиството на Протогеров. Тој настан започнал крвава војна во редовите на ВМРО. Цела плејада на чесни борци од двете страни ги загубиле животите, а репутацијата на организацијата била нарушена
Во 1934 година по пучот на „Звено“ ВМРО била забранета во Бугарија, заедно со другите македонски организации. Со тој настан ВМРО прекинала да биде активна сила во Македонија.
Демистификација на судирот помеѓу левицата и десницата
Дополнителни информации:
Денес многумина веруваат дека најголемиот грев на ВМРО по 1919 година е борбата со левичарското крило која однела многу македонски животи. Слични наративи има за сите судири помеѓу Македонците, во кои Александров и Михајлов се секогаш „лошите“. Таквиот однос потекнува од времето на социјалистичка Македонија во која сите левичари во ВМРО се претставени како праведни борци, а десното крило како збир на убијци и бугарофили. За еден таков историски настан треба да се прегледаат фактите без да се бира страна. Факт е дека крвопролевањето е започнато во 1907 година од страна на левото крило, кога по наредба на Сандански се убиени Сарафов и Гарванов. Тоа започнува децениска братоубиствена војна. Потоа, во периодот по Првата светска војна федералистите (МФО) се тие кои се истакнуваат во нашата историографија како праведни македонски борци во борбата против ВМРО на Александров. Тука често се изоставува фактот дека МФО била организирана и поддржувана не само од владата на Стамболиски, туку и од српскиот окупатор, кој ја искористил дејноста на федералистите како алатка во борбата против ВМРО. Треба да се додаде и фактот дека многумина од федералистите, по губењето на нивните чети во борбата со ВМРО, преминувале во служба на српскиот окупатор. Такви ренегати биле Стојан Мишев, Григор Циклев, Мите Соколарски, Илија Пандурски, Мино Станков и други. Тие или воделе српски чети или членувале во нив (Здружение против бугарските бандити), во борба против четите на ВМРО. Исто така, левицата не била толку невина – атентати се вршеле од двете страни. Единствената разлика е таа што ВМРО била помоќна, па левицата претрпела поголеми загуби. Сличен наратив преовладува и за борбата помеѓу Михајловистите и Протогеровистите. Вистина е дека првиот истрел дошол од страната на Михајлов, меѓутоа во судирот животот го загубиле многу личности и чесни дејци од двете страни.
Хронологија на нападите: Од Црвен Камен до Марсеј
Револуционерната дејност на ВМРО во периодот 1925-1934 е одбележана со стотици атентати и терористички напади во и надвор од Македонија. Први жртви биле предавниците и водачи на српски контрачети – Стојан Мишев и Илија Пандурски, врз кои биле извршени атентати. Во 1925 г. не изостанала и четничката борба, па така таа година во Вардарска Македонија се случиле повеќе битки со српските сили (кај врвот Голак, во Тиквешко, во Прилепско, во Кочанско и други), а во 1926 г. кај месноста Црвен Камен кај Осоговската планина дошло до битка која траела цел ден во која биле убиени 40 српски војници. Тоа било повод за голем политички скандал во кој Србија ја обвинила Бугарија за поддржување на ВМРО. Најмногу одекнувале терористичките напади, меѓу нив: на 3 јуни 1927 г. бил извршено минирање на железничката линија Скопје – Велес; во 1927 г. во Гевгелија бил кренат во воздух хотелот „Белград“ во моментот кога таму се наоѓале претставниците на српската власт од тој крај – повеќе од 15 души биле тешко ранети и убиени; истата година бил извршен бомбашки напад на хотел во Кочани, каде биле ранети или убиени 7 српски офицери и цивилни службеници; на 18 февруари 1930 г. била минирана кафаната „Шумадија“ во Кочани – собиралиште на српските офицери и колонисти; на 17 март 1931 г. во Белград биле поставени три бомби кои експлодирале една по друга; бил урнат мост на р. Морава близу до Лесковац; бомбашки напади имало и во Ниш, Пирот, Цариброд; и многу други терористички напади. Од атентатите: на 26 јули 1926 г. во Битола бил убиен Спасое Хаџи Поповиќ (уредник на српскиот весник „Јужна ѕвезда“); на 6 октомври 1927 г. во Штип бил убиен српскиот генерал Михајло Ковачевиќ; на 13 јануари 1928 г. во Скопје бил убиен правниот референт Велимир Прелиќ од страна на Мара Бунева; на 13 јули 1928 г. Иван Момчилов во главниот град на Југославија влегол во министерството за внатрешни работи и го застрелал шефот на полицијата Жика Лазиќ, кој бил тешко ранет; најспектакуларниот атентат бил тој врз кралот Александар I на 9 октомври во Марсеј; и стотици други атентати.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери