ВМРО, Историја, Меѓувоен период

Односите помеѓу ВМРО и СССР (1920–1925)

Односите меѓу ВМРО и СССР

Без оглед на подоцнежната комунистичка пропаганда против Александров, под негово водство ВМРО оддржувала односи со комунистите и со Советскиот Сојуз. Александров стоел на ставот дека ВМРО е национална и надпартиска организација, па оттаму отпорот кон тие кои сакале македонското револуционерно движење да го стават во служба на комунистичката борба, но истовремено двете страни сметале дека има простор за заемна помош.

Изборите во 1920 и првични приближувања

Пример за тоа се локалните и парламентарни избори од 1920 г. во Кралството СХС – тогаш, во отсуство на промакедонска опција, ВМРО го повикала македонскиот народ својот глас да го даде за комунистите како наднационална опција која исто така се борела против постоечкиот поредок, а пак комунистите се стекнале со голема поддршка во македонските градови.

Ран контакт со СССР (1922)

Првиот контакт на ВМРО со СССР се случил во 1922 г., кога за време на Џеновската конференција Протогеров и Томалевски побарале материјална помош од СССР преку Кристијан Раковски. Посериозни врски биле воспоставени во 1923 г. поради тогашната политичка атмосфера. Имено, под притисок на Југославија и Грција, новата бугарска влада на Цанков започнала да се оддалечува од ВМРО, а истовремено таа се нашла под жесток удар во Вардарска и Егејска Македонија, каде што во тек била и колонизација од страна на окупаторот; истовремено, како резултат на Крфската криза, Италија доживеала штета на надворешен политички план и морала да ја скрати поддршката за ВМРО за да не се компромитира уште повеќе пред европските сили. Стравувајќи од политичка изолација, ВМРО – кое не бирало средства во борбата за слобода на Македонија – започнало да бара сојузник во СССР, кој пак исто така имал корист од стекнување на моќен сојузник против монархиите на Балканот.

Проект за разбирање со Москва (август–декември 1923)

Во август 1923 г. делегација на ВМРО пристигнала во Москва на средба со советски државници, а во декември истата година бил усвоен Проект за разбирање помеѓу ВМРО и Советската влада според кој двете страни ќе соработуваат во борбата за создавање на Балканска Федерација, во чиј состав би влегла и обединета Македонија. Притоа, ВМРО била призната за единствен фактор во македонското револуционерно движење и прифатила материјална и дипломатска помош од СССР.

Тајни преговори и прогони (почеток на 1924)

Од почетокот на 1924 г. започнале нови тајни преговори помеѓу ВМРО, федералистите и советски претставници, а околу тој период бугарската влада на Цанков под притисок од Југославија започнала нов прогон врз дејците на ВМРО, апсејќи 400 нејзини членови.

Виенска декларација и Мајскиот манифест (1924)

Ова дополнително влошување на состојбата довело до забрзување на преговорите за обединување на сите македонски револуционерни сили во едно движење под покровителство на Москва. Во таа насока најпрво во април 1924 г. во Виена помеѓу ВМРО, СССР, БКП и МФО (федералистите) била потпишана декларација за соработка, а потоа се постигнал и договор помеѓу ЦК на ВМРО и ЦК на МФО за обединување на македонското револуционерно движење во една организација. Од двете страни бил одобрен и текст на манифест наменет за јавноста. Сепак, Александров почнал да се колеба околу потпишаните договори, најверојатно стравувајќи од последиците и реакцијата на членството. Тој побарал објавувањето на манифестот да биде одложено, а на почетокот на јули во Виена биле оддржани нови разговори помеѓу ВМРО и Коминтерната. Мајскиот манифест бил објавен на 18 јули – по скандалот кој следувал, Александров и Протогеров ги повлекле потписите на 1 август и изјавиле дека никогаш не се согласиле на одредбите од манифестот. На 5 август во Виена биле одржани последните разговори помеѓу ВМРО и Коминтерната, повторно неуспешни. На 31 август, во неразјаснети околности, Александров бил убиен.

Последици и поделби (1924–1925)

По овие настани започнала длабока поделба и жестоки пресметки во македонското револуционерно движење. ВМРО почнала да биде обвинувана за болшевизам и ја прекинала соработката со Москва, а левото крило (тогаш маргинален фактор) на основите на Мајскиот манифест ја основало ВМРО Обединета во 1925 г.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *