ВМРО, Историја, Меѓувоен период

ВМРО и Усташкото движење

вмро хрватска

Ослободителните движења на македонскиот и хрватскиот народ се нашле на ист пат по присоединувањето на Хрватска во Кралството на СХС, каде што заеднички ја осетиле жестокоста на српскиот режим. Првите сериозни контакти помеѓу претставниците на ВМРО и Хрватите се случиле веднаш по Првата светска војна.

Стјепан Радиќ и адвокатот Анте Павелиќ во Скопје

На почетокот на 1920-тите г. веќе биле воспоставени добри лични односи помеѓу Т. Александров и Стјепан Радиќ, водач на Хрватската селска партија. Повеќе пати Радиќ го поставувал прашањето за правата на македонското население во собранието на Кралството СХС. Иако Радиќ се борел против српскиот хегемонизам со легални средства, тој повеќе пати бил апсен и затворан, но и покрај тоа тој не можел да биде спречен. Неговиот крај дошол на 20 јули 1928 г., кога бил убиен во собранието во Белград. Тоа предизвикало се повеќе Хрвати да се приклонат кон борба со нелегални средства. На нивно чело се нашол Анте Павелиќ од Партијата на правото (бил и сведок на убиството на Радиќ), а нивната основна цел била создавање на независна хрватска држава. Инаку, во 1927 година, во студентскиот процес во Скопје, Анте Павелиќ бил адвокат и заштитник на обвинетите млади членови на ММТРО.

Софиската декларација и смртните пресуди

Барајќи сојузници, на 20 април 1929 г. во Софија пристигнале Анте Павелиќ и Густав Перчец. Таму Павелиќ остварил средба и со В. Михајлов. Биле поставени темелите на заедничката борба против српската хегемонија, а била потпишана и декларација според која двете организации ќе ги координираат своите дејства за извојување на независност за Хрватска и Македонија. Поради таа декларација двајцата Хрвати во Белград биле осудени на смрт за велепредавство.

Јанка Пуста и атентатот во Марсеј

Постепено во Хрватска започнала да се создава и дејствува револуционерната организација „Усташа“. Немајќи искуство во револуционерна борба, Хрватите добиле драгоцена практична помош од ВМРО. На помош на Хрватите во кампот Јанка Пуста во Унгарија биле пратени повеќе инструктори, од кои денес најпознат е професионалниот атентатор Владо Черноземски. Тој учествувал во најголемата заедничка акција помеѓу ВМРО и Усташите – атентатот на југословенскиот крал Александар I во Марсеј на 9 октомври 1934 година.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD