Патриотски приказни
Поделбите во македонското револуционерно движење
Македонското револуционерно движење било обележано со разни внатрешни поделби. Тука ќе се задржиме на две од нив.
Врховизмот како борба за превласт, а не за предавство
Првата поделба е таа на Централниот комитет (односно ВМРО) против и Врховниот комитет (ВМОК). Денес во Македонија е општоприфатено дека „врховист“ е еднакво со бугараш, предавник итн – секако, голема улога во создавањето на таквата слика имала комунистичката пропаганда. Во однос на целта, ВМОК не се разликувала од ВМРО: целта била „придобивање за населението во Македонија и Одринско полна политичка автономија“. Всушност, ВМОК не бил некаква бугарска владина организација, туку раководно тело на македонските емигрантски друштва во Бугарија – членовите биле македонски емигранти, мнозинството од нив родени во Македонија и пребегнати во Бугарија од разни причини. Зошто тогаш настанал судирот помеѓу овие две организации?
Првата и основна причина е таа што ВМОК сметал дека неговиот авторитет не треба да се однесува само на Македонците во емиграција, туку и на ослободителното дело во целост. Оттаму обидите за преземање на дејствата во внатрешноста на Македонија, што наишло на отпор од ВМРО, кое себеси се сметало за највисок авторитет помеѓу македонскиот народ во територијата на Македонија. Борбата на ВМРО против „врховизмот“ всушност била борба против било кое надворешно влијание на територијата на Македонија, а не против Бугарите или слични небулози.
Соработка и судир на концептите за востание
Сепак, односите помеѓу ВМРО и ВМОК не биле одбележани само со судири. Двете организации оддржувале контакт на официјално ниво и соработувале во заедничката борба – борба за слобода на Македонија. Се разликувал само концептот: ВМОК целел кон итна мобилизација и кревање на востание за да се испровоцира интервенција од надворешни сили (пред сѐ помош од Бугарија), додека раководството на ВМРО сметало дека не треба да се брза со востание. И едните и другите соработувале со Бугарија.
Исто така, не бил монолитен ниту односот помеѓу ВМОК и бугарската влада, а тоа може да се види и од изјавите на дејци на ВМОК, на пр. Сарафов. Во 1903 г. Бугарија го забранила ВМОК и наредила апсење на неговите водачи, а во 1905 г. структурите на ВМОК се интегрирале во ВМРО.
Втората поделба, таа на „леви“ и „десни“, е крајно злоупотребена од комунистичката пропаганда. Нашите генерации сѐ уште учат дека левото крило било македонистичко, а десното бугарско. Таа дихотомија е лажна.
Митот за „левите“ македонисти и „десните“ бугараши
Спорот помеѓу „левите“ (реформаторско крило) и „десните“ (конзервативно крило) кој се појавил по неуспехот на Илинденското востание не бил поради економски или национални гледишта – реформаторите не барале укинување на приватна сопственост како комунистите, а конзервативците не барале рамни даноци и легализирање на геј бракови како денешните конзервативци низ Западниот свет; ниту пак реформаторите се декларирале за некакви македонистички гледишта, додека конзервативците им се спротивставиле на тоа – туку левото крило сакало демократизација и децентрализација на организацијата, односно пониските нивоа да добијат поголем удел во носењето одлуки, додека десното крило сметало дека треба да се задржи дотогашниот централистички принцип: командите да доаѓаат од врвот кон пониските нивоа. Тоа била главната точка во спорот помеѓу двете страни. Не се работело за комунизам против фашизам или македонисти против предавници, туку се однесувало на хиерархиската поставеност во организација.
Хиерархијата и Балканската федерација како клучни точки на раздор
Постоела и втора точка, а тоа била различната концепција за крајната цел: десното крило сметало дека треба да се задржи концептот на автономија за Македонија и Одринско во рамките на Османлиското Царство, додека левото крило сметало дека треба да се усвои нов концепт, според кој Македонија требала да ја бара својата иднина како федерална единица во поширока Балканска Федерација. Од денешна гледна точка не е ниту толку важно чија концепција била пореална или „подобра“, туку важно е да се истакне дека концептот на десното крило бил задржување на првобитната цел востановена при самото основање на организацијата, а не некакви нови, предавнички идеи.
Оцрнувањето на дејците од „десницата“, до степен на нивно изолирање од македонската историографија, било со цел да се истакнат само левичарите како вистинските херои, врз основа на лажни претпоставки. И едните и другите се бореле за Македонија – секој по патот кој сметал дека е праведен.
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери