Втора светска војна, Историја

Втората светска војна во Југославија 1941-45

Втора светска војна Југославија

Кралството Југославија престанало да постои по поразот во Априлската војна и неговата територија била разделена помеѓу соседите, а се формирала и хрватска држава. Уште во 1941 год. започнал отпорот против окупаторите: поради различните народи, вери и идеологии кои биле вклучени во борбата таа прераснала во секој-против-секого граѓанска војна.

Од една страна, присутни биле странските окупаторски армии: германската, италијанската, унгарската и бугарската. На своја страна ги имале хрватските воени сили и разните колаборационистички сили, како српскиот доброволен корпус, словенското домобранство, босанската СС Ханџар дивизија, македонските контрачети и по 1943 год. албанските балисти. Од другата страна биле српските четници (официјално Југословенска војска во татковината) и наднационалните партизани предводени од КПЈ.

Комплексна мрежа на сојузи и идеолошки судири

Листата на сојузници и непријатели помеѓу завојуваните страни не била секогаш најјасна: четниците првенствено имале примирје со партизаните, кое постојано било прекршувано; усташите воделе политика на терор против Србите, но понекогаш соработувале со четниците против партизаните, како што четниците понекогаш соработувале со Германците против партизаните; албанските балисти исто така имале примирје со партизаните, кое било прекршувано, а воделе борба и против италијанскиот окупатор, за на крајот да станат сојузници на германските сили. Партизаните најчесто воделе борба против сите, а и сите се бореле против нив.

За разлика од другите вооружени групации, кои поддршка наоѓале помеѓу сопствената нација и делувале само во своите национални територии, партизаните имале поширок простор за дејствување и наоѓале поддршка помеѓу сите народи. Најмногу партизани имало во Хрватска, кои до 1943 биле мнозински Срби, како реакција на нивното таргетирање од НДХ. Четниците одбегнувале судир со Германците за да спречат одмазднички акции, што одело во прилог на популарноста на партизаните кои ја предводеле борбата. Главните воени дејства се одвивале во Хрватска и БиХ, каде што обидите да се згасне партизанското движење биле неуспешни, а тоа до крајот на 1944 имало над 650.000 борци и претставувало регуларна воена формација.

Крајот на војната и наследството на длабоките рани

Во април 1945 год. Сремскиот фронт бил пробиен од страна на НОВ и окупаторските сили биле протерани во последователните борби во Хрватска и Словенија. НДХ згаснала, а на територијата на поранешното кралство се формирала федеративна Југославија со шест автономни републики. За разлика од останатите движења на отпор во Европа, југословенските партизани ја добиле војната во својата земја со минимална надворешна воена помош.

За бројот на загубени животи постојат разни проценки, но повеќето се согласуваат на бројка од околу 1 милион мртви, од кои мнозинството биле Срби (околу половина милион). Во однос на загубите по регион најмногу жртви имало во БиХ, а најмалку во Македонија. Ниту една од страните не изглегла „чиста“ од војната, бидејќи сите страни помалку или повеќе учествувале во воени злосторства и масакри врз цивили. Војната оставила длабоки рани кои повоеното „братство и единство“ не можело да ги залечи. Тие биле повторно отворени при распадот на Југославија во 1991 год., кога старите боишта во Хрватска и БиХ заживеале и на нив животите ги загубиле над стотина илјади војници и цивили.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD