Борбата во Егејска Македонија
Во поновата историја, борбата на територијата на Егејска Македонија се водела во повеќе етапи. Укинувањето на Охридската архиепископија било идеална прилика за ширење на грчките шовинистички идеи, ширење кое се одвивало преку Цариградската патријаршија. Кон крајот на 19 век се засилиле и вооружените напади врз македонското население. Имало редовни препукувања помеѓу припадниците на патријаршијата и егзархијата. Од Грција биле праќани воени чети со цел да се засили влијанието таму. Една од тие акции е и Андартската провокација.
Со оглед на тоа дека и самата Македонска револуционерна организација била создадена во Солун, Егејците дале огромен придонес за Делото. Тие го бранеле овој дел на Македонија од османските војски, грчките андарти, но и од врховистичките обиди за пробив. Истакнати војводи како Митре Влаот, Александар Турунџев и Васил Чакаларов со години биле трн во окото на странските пропаганди. Чакаларов бил убиен од грчките сили за време на балканските војни. Тие му ја отсекле главата и скандирале „Го нема Чакаларов, ја нема Македонија“. Судбината на претходните војводи ја одредиле предавниците. И Турунџев и Влаот биле предадени. Последниот го предал шпион на Германос Каравангелис. Се работи за истиот Каравангелис кој во 1905 година застанал зад масакрот во Загоричани.
Угнетувањето на македонскиот народ во Егејот продолжило и во следните децении. Македонски воени единици зеле активно учество во беломорските фронтови за време на Втората светска војна. Илјадници Македонци биле дел од Грчката народноослободителна армија – ЕЛАС. Прво била создадена Македонската антифашистичка организација, а две години подоцна и Славјаномакедонскиот народноослободителен фронт. Незадоволни од одлуката за слевање на СНОФ со грчките комунистички сили, дел од нејзиното раководство ја продолжило борбата во Вардарска Македонија. За време на граѓанската војна во Грција, главен претставник на Македонците бил Народноослободителниот фронт или НОФ. Згрозен од злоделата на фашистички групации како Тагмата Асфалиас, НОФ се приклонува кон КПГ. Ниту Комунистичката партија на Грција не била пријател на Македонецот, но во тоа време била помалото зло. Покрај тоа што бил бесценет за силите на Демократската армија на Грција, НОФ работи и на културно развивање на Македонците во овој дел на Македонија. Како последица од граѓанската војна во Грција, над 68.000 возрасни и деца, повеќето Македонци, се принудени да го напуштат вековното огниште.
Борбата во Егејска Македонија сè уште трае. Тамошните Македонци се борат за основните права на национално самоопределување. Скорешното отворање на Центарот за македонски јазик е знак дека има надеж за подобро утре. Наша задача е да ги поддржиме Македонците јужно од границата во нивната модерна борба.