ВМРО, Историја, Меѓувоен период, Османлиски период, Прва светска војна

Кој бил Тодор Александров?

Тодор Александров

Меѓу бројните дејци оцрнети од комунистичката историографија во последните децении се издвојува едно име – тоа на Тодор Александров. Нарекуван апостол, фанатичен патриот и најголем воин на Балканот, неговото дело сè уште не го добива потребното внимание во македонската јавност. На Организацијата се приклучил уште на свои 15 години, за време на школувањето во Скопје. Неколку години подоцна ги помагал Солунските атентатори при набавките на експлозив, а со години работел на развојот на мрежата во штипскиот реон.

Возобновување на ВМРО и револуционерни активности

Тодор Александров бил еден од главните иницијатори за возобновување на ВМРО. По Првата светска војна започнал процесот на обновување на организацијата со тоа што Одринско веќе не било дел од целите на истата. Додека ја водел Организацијата, нападите во Вардарска Македонија се издигнале на највисоко ниво. Тој ги обновил револуционерните окрузи и старите канали. Од Пиринска Македонија успеал да направи вистинска база на операции каде ВМРО имало целосна власт. Александров бил култна личност уште кога бил жив. Бил почитуван каде и да одел, и со причина.

Идеологија и Мајскиот манифест

Иако не секогаш работел со неистомислениците, тој бил спремен да соработува со сите за доброто на Македонија. Бил еден од потписниците на Мајскиот манифест кој имал за цел да ги обедини сите македонски елементи во едно движење. Во текот на целиот свој живот Тодор Александров не отстапил од идејата за независна Македонија која ги вклучува сите делови од Македонија, со главен град Солун. Противниците на оваа идеја често биле мета на атентаторите на ВМРО.

Воени активности и учество во балканските конфликти

Освен во четнички акции, учествувал и во Балканските војни, а бил и клучен во работата на познатата и прочуена XI македонска дивизија од Првата светска војна. И покрај цензурите на комунистичките власти, делото и споменот на Александров се преголеми за да бидат сокриени од македонскиот народ. Во последните години Македонците сè повеќе го ценат Стариот и тој почнува да ја добива почитта која денес ја заслужува.

Атентат и трагичен крај

Главно поради компликациите и манипулациите поврзани со Мајскиот манифест, Тодор Александров бил убиен на 31 август 1924 година. Штерју Влахов, Динчо Балкански и Динчо Вретенаров се физичките ликвидатори на Стариот. Како нарачател на атентатот се смета Алеко Василев – Пашата. А кој навистина стоел зад целиот план не е докажано до денешен ден. Тоа може да биде комунистичката интернационала, Бугарската комунистичка партија, тогашната бугарска влада на Александар Цанков и воените кругови, Иван Михајлов, самиот Алеко Василев итн.