Религија

Како ги славиме нашите празници?

македонски национални празници

Во нашата Република Македонија најмасовните национални прослави не се тие за Илинден или за Денот на независноста, туку за Денот на албанското знаме.

Самиот чин на организирање на прослави на албанското малцинство (ако се оддели од антимакедонските провокации) не може да се земе како чинител за презир и омраза кон македонските Албанци, кои на тој ден искажуваат свест за својата национална припадност и спомен за своите предци. Вистинското прашање е каде се македонските прослави?

Каде се македонските национални прослави?

Македонија е можеби една од ретките држави која нема стандардизирана прослава на Денот на независноста. Во 2011 г. во главниот град се одржа единствената навистина масовна и сеопфатна прослава за празникот, а со поголема свеченост се одржа и прославата во 2021 г. Фактот што овој празник навистина се прославува еднаш на десет години, а другите девет само тривијално се одбележува, е поразителен и е показател за ниска државничка култура и свест.

Илинден е другиот голем македонски празник, кој некогаш масовно се одбележуваше на Мечкин Камен, но во изминатите години таму едвај се собираат неколку стотици души. Во некои македонски градови има културни манифестации по повод празникот, некаде се слави со пејачи и хитови од бивша Југославија, а некаде скоро и да нема никакви настани.

Националните празници како извор на свест и заедништво

Бидејќи националните празници се клучен извор на национална свест, солидарност и сплотеност на заедницата – односно се важни – зошто покрај фиксните државнички свечености да нема прослави од масовен карактер во секој град низ државата (поддржани или директно организирани од локалните власти), каде што без долги патувања до други краеви на државата секој би можел со знаме во рака да се придружи на марш низ својот град, кој би завршил на плоштад или друга локација на која би била подготвена културна манифестација со локални и домашни изведувачи – музичари, пејачи, фолклорни групи?

Тешко ли е локалните власти да организираат привремени поучни историски изложби во периодот на големите празници на секој плоштад низ Македонија, во кој би се информирало за улогата на конкретниот град и околината во настаните кои се празнуваат? Во пошироките локални прослави можат да бидат вклучени и училишните програми, со некакви изведби и приредби во склоп на централната градска свеченост. Можат да се читаат имињата на паднатите и истакнатите борци од конкретниот град/крај и да се спомнува нешто за нивните животи. За такви празници убав додаток можат да бидат и реконструкции на историски чети – комитски или партизански, па и на древната фаланга. И дали е неизводливо секоја година да се има една војничка парада, макар скромна и барем во главниот град?

Ова е нешто за кое треба да размислат државните и локалните власти, но и самите ние како обични граѓани, бидејќи имаме примери низ светот дека барем за некакви основни празнични елементи како патриотски маршеви нема потреба од удел на официјалните власти, туку доволно е граѓанска иницијатива за нивно организирање и одржување.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD