Патриотски приказни
Сведоштва од борбите за ослободување на Скопје
Сведоштво за борбите за ослободување на Скопје од борец од 2-от баталјон на 12-та ударна бригада, прикажано во документарната емисија „Градот на нашата младост – Диверзантските групи на Скопје“ од 1974 година.
Борбите за ослободување на Скопје – сведоштво од 2-от баталјон
Железничката станица: „Вечерта на 11 ноември се даде заповед за ослободување на Скопје. 12-та бригада со сите баталјони беше распоредена во местото Горно Соње и веднаш тргнавме за Скопје. Така, 2-от баталјон на 12-та бригада имаше распоред од Водно до улицата „Маршал Тито“ [денес ул. „Македонија“], заземајќи ги сите важни позиции каде што беа Германците сè до населбата Нерези. Најмногу и најжестоки борби се водеа во Железничката станица и Учителската школа. Железничката станица беше место каде што Германците се припремаа за конечно повлекување. Цели композиции на товарни и патнички вагони во кои беа сместени Германци – жива сила или вооружување – беа покрај коридорот на Железничката. Кога влеговме во станицата, целата беше минирана. Во текот на борбите се разруши само дел од првиот коридор, или подземен влез, на Железничката станица. Меѓутоа, ние успеавме да ги пресечеме каблите кои беа на вториот и третиот влез и успеавме да ја спасиме Железничката станица.”
Учителската школа: “Со помош на 3-та бригада, опколувајќи ја зградата на Учителската школа, ги принудивме Германците да се предадат, бидејќи видоа дека сме подобро вооружени, побројни и похрабри – немаа друг излез освен да се предадат. Така еден дел од 45 Германци се предаде на чело со нивниот командант, додека дел се извлече од тешката ситуација и успеаја да се повлечат преку паркот кон Качаник.“
Клучни објекти во ноември 1944: Железничката станица, Учителската школа и Радио Скопје
Радио Скопје: “По налетот на единиците на 2-от баталјон, 2-ра и 3-та чета, требаше да се ослободи зградата на Радио Скопје, која беше поврзана со целиот Балкан преку комуникациски средства на германската армија. Требаше истовремено да ја спасиме, бидејќи беше минирана како и сите други објекти. Меѓутоа, не можевме директно да навлеземе од улицата каде што се наоѓаше зградата, па бевме принудени да направиме обрач. Излегувајќи од месноста на сегашниот бул. „ЈНА“ [денес бул. „Климент Охридски“] навлеговме во зграда во која беа сместени неколку Германци. Тие ноќта спроти 12 ноември беа дојдени од Грција и се повлекуваа кон Качаник. Ноќта требаше да преспијат тука и потоа да продолжат, меѓутоа ние неколку борци влегувајќи кон задниот дел од Радио Скопје бевме изненадени од оваа група на Германци. По кратка борба успеавме да ги ликвидираме, а еден од Германците се самоуби извикувајќи „хајл Хитлер“. За да се заземат овие делови спроти поштата требаше да се заземе радиостаницата. Неколку пати вршевме јуриш, а за таа цел беа одбрани најдобрите скоевци од 3-та чета на 12-та бригада. Ние потоа навлеговме во зградата на радиостаницата преку соседниот двор и оттаму спрат по спрат, канцеларија по канцеларија, успеавме да ја ослободиме со ликвидација на преостанатите Германци во зградата.”
Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD
Маици
Дуксери