1945-1991, Историја

Тринаесетте стрелани од Герман 1948

Герман македонски херои

Герман е преспанско село во Леринско, денес на границата со Македонија. Ова село е длабоко поврзано со македонската историја и македонската борба: од местото во кое бил пронајден натписот на цар Самоил врз надгробната плоча на своите родители, до родното место на многу борци во револуционерната и народноослободителната борба на македонскиот народ. Едни од последните жители на селото кои се впишале во долгата листа на македонски херои биле тринаесетмината борци кои биле стрелани од грчките владини сили на 29 октомври 1948 год.

Трагичните настани во Грчката граѓанска војна

На 17 април 1946 год., во текот на Грчката граѓанска војна, грчки владини сили влегле во Герман и уапсиле повеќе од 40 Македонци кои биле осомничени за учество во партизанскиот отпор. Една група била затворена во Леринско, а друга во затворите во Солун. Голем дел од нив биле ослободени после три месеци тортура,  но тринаесет биле задржани и во 1947 год. биле префрлени во еден од озлогласените грчки концентрациони логори. Во октомври 1948 год. биле изведени пред воен суд во Лерин, каде што биле осудени на смрт. На 29 октомври пресудата била извршена и тринаесетте германци биле застрелани.

Ова се нивните имиња:
1. Васил Белев
2. Герман Бабинкостов
3. Герман Боглев
4. Јоше Дамовски
5. Јондрич Иванов
6. Герман Младенов
7. Фоте Мечкаров
8. Вангел Нушев
9. Стојан Пандеов
10. Лазо Русев
11. Методија Торков
12. Вангел Цетелев
13. Стојан Јанков

Да се помнат – вечна им слава на хероите!

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD