Втора светска војна, Историја

Првите народни херои на Македонија – 1945

првите народни херои на Македонија

По завршувањето на борбените операции на територијата на Југославија, на 29 јули 1945 год. биле прогласени првите народни херои од Македонија. Тој датум орденот и звањето го добиле петмина борци, сите постхумно – се работи за едни од најистакнатите предводници на народноослободителната борба на македонскиот народ:

Пет биографии – заедничка судбина

  • Јордан „Орце“ Николов, роден во 1916 год. во Скопје. Станал активист на УРС (синдикална организација), а во 1935 год. и член на КПЈ. Организирал многу штрајкови во Македонија и други протестни активности, поради кои инвазијата на Југославија ја дочекал во затворот во Сремска Митровица. Во април 1941 год. побегнал од таму со група затвореници, придружувајќи се на сремските партизани. Загинал во бугарска заседа на 4 јануари 1942 год. кај с. Туба близу Владичин Хан, во обид да премине на македонска територија.
  • Стефан Наумов – Стив, роден во 1920 год. во Битола. Се придружил на работничкото движење за време на студиите во Белград, а станал член на КПЈ во 1939 год и учествувал во организациската работа на партијата во Битола. По инвазијата врз Југославија започнал со собирање на оружје и подготовка за востание. Учествувал во создавањето на битолскиот партизански одред „Пелистер“ во април 1942 год. и учествувал во партизански и атентаторски активности. На 12 септември 1942 год. при координација на партизанската дејност, со Димитар Богоевски биле опколени од бугарската полиција кај с. Болно во Ресенско. Одбивајќи да се предадат, двајцата воделе борба додека имале муниција и се самоубиле со бомба.
  • Мирче Ацев, роден во 1915 год. во с. Ореовец, Прилепско. Израснат во револуционерно семејство – бил внук на војводата на ВМРО, Мирче Ацев – Оровчанецот, а со орденот „Народен херој“ се стекнала и неговата сестра Вера Ацева. За време на студиите во Белград се приклучил во КПЈ и таму се спријателил со други македонски дејци. Се истакнал со организаторски способности пред и во текот на војната. Во 1942 год. излегол на терен со Страшо Пинџур во посета на одредите и организациите во Велешко и Прилепско, при што биле уапсени од бугарската полиција, а потоа мачени и убиени на 4 јануари 1943. год во Скопје.
  • Страшо Пинџур, роден во 1915 год. во с. Ваташа, Кавадаречко. Син на војводата на ВМРО Димитар Пинџур, еден од главните организатори на Тиквешкото востание, кој загинал во битката кај Криволак осум месеци по раѓањето на Страшо. Страшо се приклучил во КПЈ за време на студиите во Белград, а потоа се зафатил со организаторска дејност во Македонија. При обиколка на одредите и организациите заедно со Мирче Ацев бил уапсен во Велес и двајцата биле убиени на 4 јануари 1943 год. во Скопје.
  • Христијан Тодоровски – Карпош, роден во 1921 год. во Куманово. Како ученик станал член на СКОЈ во 1939 год, а поради своите револуционерни ставови бил исклучен од седмо одделение во гимназија во 1940 год., без право на понатамошно школување. По инвазијата врз Југославија се придружил на подготовките за востание и уште од октомври 1941 год. се приклучил на партизанските одреди, делувајќи во Кумановско и долината на Јужна Морава. Во редовите на кумановскиот баталјон „Јордан Николов“ загинал во борба со бугарски сили во с. Биљача кај Бујановац на 7 февруари 1944 год.

Текстот е напишан од страна на WarWaveMKD